Познат е по фотографијата со морско коњче, 3 пати доживеал удар од електрична ража - Интервју со Воислав Колевски, фотограф на подводен свет
Авантурист, човек со ведар дух, спремен да помогне и да го прикаже животинскиот свет во најдобро и најреално светло. Човекот кој „во живо“ преку фотографии нѐ известува каква е ситуацијата во поводниот свет.
Во ова интервју за „Женски Магазин“ разговарано е со Воислав Колевски, професионален фотограф кој нѐ запознава со подводниот свет, воедно и графички дизајнер, а има и свое студио каде фотографира домашни миленици.

Фото: Воислав Колевски
Неговата љубов кон фотографијата се појавила уште од најрана возраст, учествувал во училишната фотографска секција, а со текот на годините „фотографското око“ станувало сѐ поостро, а опремата се збогатувала.
Неговата специјалност се животните, со фокус на морскиот свет. Го прашавме Колевски, зошто фотографирањето на миленици и подводни животни е негова пасија?
-Љубовта кон природата и целиот животински свет, ги сметам како оставина од татко ми, емпатијата и воспитание што тој ми ги покажа, и спојот со дарот што ми е даден да ги гледам работите низ поинаква призма и да ги преточам во фотографија ми се посебна инспирација. Затоа и го отворив првото студио во Македонија за сликање миленици.
А љубовта конкретно кон животните е најверојатно тоа што еден човек го отсликува, односно нешто за кое нема точен одговор. Но ќе ја издвојам нивната невиност, тие се тоа што се, без да глумат или прикажат поинакво лице – вели тој.

Фото: Воислав Колевски
Колевски го гледа морето низ една поинаква призма, низ фотографско око со фокус на подводниот свет. Го прашавме која е таа магија што го привлекла за да слика подводен свет?
-Уникатноста, несекојдневноста , она што е помалку прикажано, поинаквото - отсекогаш биле дел од мојот дух. Секогаш ги одбирав реткостите и природно ми дојде и љубовта кон подводниот свет, особено морски подводен свет. Една иста планета, а различен свет. Комплексна убавина, магична творевина, дивина, а толку питома.
Подводниот свет е неверојатен во секоја смисла од зборот. На пример, секој ден во текот на еден месец човек да нурнува на иста локација и да ја истражува, секој ден ќе има нешто ново да види – раскажува фотографот.
Зa авантурите на Воислав повеќе може да се прочита на Женски Магазин.