Познат датумот кој ќе биде „Денот Д“ за уставните амандмани
Собраниската седница за нацрт-амандманите за промена на Уставот ќе се одржи на 1 декември.
Информацијата е објавена на интернет страницата на Собранието.
До Собранието се доставени 4 нацрт амандамни за Преамбулата и за Уставот.
Собранискиот претседател, Талат Џафери, пленарната седница на која ќе бидат разгледани нацрт амандаманите ја закажа за 1 декември, а седницата на Комисијата за уставни прашања својата работа ќе ја почне на 7 ноември.
Во согласност со Деловникот, претресот во Комисијата за уставни прашања и во Законодавно – правната комисија може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацрт на секој амандман одделно, по што Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 61 глас, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно.
Собранието откако ќе го утврди текстот на нацрт амандманите, почнува јавна дискусија.
Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференцијата ги соопшти деталите поврзани со нацрт уставните амандмани. Покрај измените во делот на географската одредница, Заев денеска најави дека во преамбулата ќе се вметне и Охридскиот рамковен договор. Премиерот очекува поддршка од 120 пратеници.
Во согласност со Договорот од Преспа, ова е втора фаза од процесот за промена на Уставот. Освен двотретинско, ќе биде потребно и Бадентерово мнозинство.
