Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОЖАРОТ ВО ВАЛАНДОВСКО СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА - над 60 луѓе од пред пет часот утрово „се борат“ со огнот

ПОЖАРОТ ВО ВАЛАНДОВСКО СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА - над 60 луѓе од пред пет часот утрово „се борат“ со огнот

Пожарот кој избувна вчера попладне околу 14 часот во непосредна близина на валандовско Грчиште и се закануваше да ги зафати првите куќи во селото, според најновите информации е ставен под контрола. 

Според информацијата од заменик директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, објавена на неговиот фејсбук профил, по долгата и напорна ноќ, пожарот во валандовско е ставен под контрола!

- Повеќе од 60 луѓе од 5 часот наутро се на линијата на огнот и до овој момент може да кажеме дека и покрај тоа што беше голема, целата линија на огнот е покриена.

Допрва ќе станува жешко во текот на денот и нашите екипи остануваат овде за да видат што денот и природата ќе ни донесе.

Огромна благодарност до колегите од подружниците Валандово, Гевгелија и Струмица при ЈП "Македонски Шуми" кои со 26 луѓе од рано наутро се на терен во Валандово - напиша Михаилов на Фејсбук. 

Тој изрази огромна благодарност до против пожарните единици од Валандово, Струмица, Гевгелија, Радовиш и Кавадарци кои направија натчовечки напори во справувањето со оваа огнена стихија.

Исто така и до доброволното противпожарно друштво од Валандово за целиот ангажман околу овој пожар.

- Огромна благодарност до колегите од шумската полициска станица Валандово кои дадоа огормен допринос во справувањето.

Исто така, морам да кажам дека и општинските власти на Валандово беа на ниво на својата задача и максимално се вклучија во санирањето на оваа непогода која се закануваше да биде од огромни размери.

На крајот, најважното, огромна благодарност до граѓаните и општоодговорните компании кој се вклучија да помогнат во гаснењето на овој пожар кој се закануваше да биде огромен.

Остануваме сите заеднички да бидеме на ниво на задачите и да се испречиме пред било кој и каков предизвик ќе ни донесат несериозноста на граѓаните и непредвидливоста на природата.

Благодарност до сите оние кои јавно ни даваа беспрекорна поддршка и доверба - напомна уште еднаш заменик директорот. 


Инаку, според утринската информација од Центарот за управување со кризи (ЦУК), покрај пожарот меѓу селата Грчиште и Марвинци, во овој регион има пожар и во Општина Богданци, на потегот од браната Паљурци до Богданци, каде гори ниска вегетација и грмушки.

Слично

Поврзани вести