Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОЖАРОТ ВО ШТИПСКО ПОД КОНТРОЛА - сведоци тврдат намерно бил подметнат од две лица

ПОЖАРОТ ВО ШТИПСКО ПОД КОНТРОЛА - сведоци тврдат намерно бил подметнат од две лица

Пожарот меѓу штипските села Долани и Љуботен е под контрола. Командирот на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, Благој Ренџов вели дека утринава екипа на ТППЕ интервенирала на местата каде што се уште чади, односно има активен оган на опожарениот дел.

- Во 10.00 часот повторно ќе пратиме екипи, која што ќе дежура до 15 часот. Пожарот во моментов е во дол, непристапен терен за пожарникарите. Околу 12 часот кога се зголемува температурата ќе видиме дали ќе има разгорување, вели Ренџов. 

Според првичните проценки опожарени се од 20 до 30 хектари нискостебелеста вегетација и дел од борова шума. Инаку вчера во гаснењето на пожарот учествуваа 18 пожарникари, 14 доброволци пожарникари и жители на село Долани. 

Дирекцијата за заштита и спасување вчера активираше и еден ер трактор, со што и од воздух се дејствуваше врз огнената стихија. 

Еден жител на селото е повреден, односно се здобил со изгореници на нозете, за што веднаш е хоспитализиран во Клиничка болница-Штип.

Со градежна и земјоделска механизација се правеа засеци, односно обрачи, кои не дозволуваат да се префрли пожарот кон селото. За само неколку дена ова е трет голем пожар во штипскиот регион. 

Медиумите пренесуваат дека вистинска драма се одвивала вчера попладне во атарот на штипското село Долани, каде што голем пожар зафатил сува трева, стрништа и нискостеблеста шума, заканувајќи се да се прошири кон селото. Благодарение на координираната акција на повеќе служби и локалното население, огнената стихија била ставена под контрола во вечерните часови.

Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи – Штип, пријавата за пожарот била примена вчера во 15:05 часот, по што на терен веднаш интервенирале екипи на ТППЕ-Штип со четири противпожарни возила и 15 пожарникари.

Во гаснењето се вклучиле и два тима од Доброволното противпожарно друштво од Штип со две возила и шест доброволци, механизација од ЈП „Стипион“, како и четири трактори кои направиле заштитен појас за да спречат пожарот да се доближи до селото.

Поддршка пристигнала и од ТППЕ-Радовиш со едно возило и оператор на дрон, додека од воздух интервенирал и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, кој извршил две исфрлања на вода врз опожареното подрачје. На местото на настанот била присутна и екипа на полицијата од Штип.

Според сведочење на мештанин кој се здобил со полесни телесни повреди при обидот да помогне во гаснењето на пожарот, огнот наводно бил подметнат од две, засега непознати, лица кои по избувнувањето на пожарот избегале од местото. 



Слично

Поврзани вести