Пожарот кај Велес ја изгоре и пругата
Загрижувачката огнена стихија синоќа во околината на рекреативниот центар „Младост“ крај Велес ја изгоре и железничката пруга по што редовната линија не можеше да сообраќа ниту утрово.
Од Македонски железници потврдија дека патничкиот воз од Велес за Кочани не сообраќал затоа што изгореле стотина железнички прагови и стручни лица треба да решат дали делницата до Кочани е употреблива.
Инаку во самото гаснење на пожарот учествувал и железничкиот противпожарен воз. Кога станува збор за направената материјална штета од пожарот кој му се закануваше на Велес, познато е дека се опожарени 400 хектари површина, од кои педесетгодишна црноборова шума на 200 хектари и исто толку трева.
Настрада и свињарска фарма и една викендичка. Официјален извештај за штетата се очекува утре.
