Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пожарите пеплосаа пчеларници, штетите се бројат во илјадници евра

Пожарите пеплосаа пчеларници, штетите се бројат во илјадници евра

Во пожарите кои беснееја со денови во источна Македонија, изгорени се цели пчеларници.

Угинаа пчелни семејства во селата близу Пехчево и Берово, а штетите се бројат во илјадници евра.

„Изгорени ми се 80 сандаци со пчели во атарот на селото Негрево. Уништен е еден тон мед, и тоа се околу 500.000 денари, и плус ако се пресмета цената на сандаците и пчелните семејства, тоа се 12.000 евра. Има и друг пчелар во истото село на кого му се уништени 40 сандаци со пчели. Кај мене се останати 7-8 пчелни семејства, но едноставно не ми се оди, глетката е страшна затоа што сѐ е уништено, а пчелите знаеме дека си функционираат организирано“, вели Слободан Мицевски, пчелар.

Ова ќе се одрази на производството на мед во Малешевијата, но и ќе секне изворот на егзистенција за дел од семејствата. За некои пчеларството е основна дејност, а за други извор на дополнителни приходи за опстанок.

„Познавам пчелар на кој му угинаа 85 пчелни семејства. Едноставно луѓето живеат од медот. Никој нема да остане без леб, но сепак загрозена им е егзистенцијата. Оваа година и идната ќе има многу помалку мед, а ако се покачи цената на медот, тоа не води никаде, затоа што и вака нема купувачи и ние немаме некоја голема куповна моќ. Треба државата да реагира и да ги обештети пчеларите“, вели пчелар од Берово.

Ванчо Кировски, пчелар од Кочани објаснува дека во нивниот крај немало некои поголеми штети во контекст на изгорени пчеларници, иако близу Кочани имаше старотен пожар.

„Со пчеларите со кои сум во контакт, потврдија дека немаат штети. Онаму каде има изгорени пчеларници на истокот, штетите се големи затоа што само едно пчелно семејство чини околу 200 евра. Ако има големи штети во регионот зафатен со пожари, нормално дека тоа ќе се одрази на производството на мед во државата. Обештетување треба да има за пчеларите“, рече Кировски.

Тој порачува дека не треба да си играме со природата, затоа што крајниот ефект секогаш е  на штета на луѓето.  Во Малешевијата со денови гореа големи пожари, при што има и зафатени куќи и викендици.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести