ПОЖАРИ: За обнова на шумскиот фонд се потребни од 30 до 50 години!
Не
треба да се биде експерт во било која
област, за да се лоцира одговорноста за
пожарите кои трета недела беснеат низ
Македонија. Надлежните институции кои
не реагираа навреме и меѓусебно не се
координираа треба да си ја признаат
грешката и да сносат одговорност за
последиците. Македонија е една од
ретките во Европа во која функционира
систем за сателитско набљудување и
навремено лоцирање на шумски пожар, а
оваа предност не беше искористена да
се реши проблемот. Обновата на шумскиот
фонд во зависност од видот на дрвјата
и почвените услови вообичаено трае од
30 – 50 години, време кое наместо за
економски и еколошки развој ќе треба
да се потроши на справување со последиците
од огнената стихија – вели за Фактор,
екологистот Јован Мазгански од Екоскоп.
“Општеството, од парите на народот навреме створило институции што ќе се организираат и обучуваат за справување природни и други појави со несакани и штетни последици, меѓу кои и шумските пожари. Најодговорни за тоа се Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Сврзано со нивните задачи донесени се низа законски регулативи и државни стратегии, набавени се одредени технички средства, како и овластувања за успешно справување со опасностите. Кога станува збор за шумските пожари, нивно навремено откривање, брзо пристапување на локализирање, а ако е потребно и евакуација, на граѓани, добиток и друга имовина во случај на можна опасност”- додава Мазгански.
Македонија според информациите на ЦУК е една од ретките во Европа во која функционира систем за сателитско набљудување и навремено лоцирање на шумски пожар. Но оваа предност, вели екологистот не била искористена навремено да се реагира за лоцирање, локализирање и спречување на пожарите.
“Имено, од стационарен сателит секои 15 минути се скенира површината на Република Македонија во квадрати со размер 100 х 100 метри, а секи 3 часа и детален скен на целата површина на Македонија со размер - квадрати од 10 х 10 метри.Покрај тоа, спомената мрежа од квадрати е благовремено документирана со сите географски и топографски показатели, како и расположивата вегетација и коефициент- /веројатност, т.е ризик на запаливост и ширење на евентуалниот пожар. Сето тоа се набљудува на монитор во канцеларија.
Таквиот систем чии основи се преземени од Јапонија и која учествуваше со софтвер и финансии овозможува за неколку кратно смалување на времето на откривање и локацијата на шумските пожари, а со тоа и поефикасно справување и значајно намалување на последиците од пожарот”- потенцира Мазгански.
Директен извршител за справување со пожарот е Дирекција за заштита и спасување. Таа според него треба благовремено во услови кога нема пожари да подготви планови и стратегии за справување со пожарите.
“Треба да знаат како да реагираат на секоја локација, со кои средства со кои луѓе, а во случај на потреба и план за вклучување на дополнителни средства и луѓе, ако е потребно и вклучување на опрема и луѓе од други држави. Според Законот, одговорноста е посочена со Закон, а и нивните претпоставени.Уште еднаш ќе потенцирам тоа се работи долгорочно. Недозволиво е, кога ќе се појават пожари да се констатира дека има специјални авиони за гасење, а нема пилоти или слично.Доколку навреме се направат сите потребни подготовки и планови последиците повеќекратно ќе се намалат. Од друга страна надлежните за прогон и откривање на сторителите исто така да имаат стратегија и планови за поефикасно пронаоѓање на сторителот што предизвикал пожар – намерно или случајно. Со самото негово откривање и казнување ќе се намалат и случаите на пожари”- смета Мазгански.
Штетите вели допрва ќе се утврдуваат . Економските последици се големи поради уништување на шумска дрвна маса за која вели ќе бидат потребни од 30 до 50 години да се обнови. Дополнително се и еколошките последици кои влијаат на биодиверзитетот и нарушување на природната рамнотежа во природата.
“Има соголување на вообичаено стрмни реони, а со тоа и зголемување на ерозијата, намалување на плодноста на почвата, зголемен ризик од поплави, намалена важност, намалена издашност и периоди на изворите. Додека економските вообичаено се на локално ниво, еколошките влијаат на поширок регион, па и глобално за планетата – го забрзува и поттикнува глобалното затоплување со сите негативни последици од тоа.
Покрај тоа, штети има и по биодиверзитетот, а со тоа и нарушување на „бесплатната“ регулација - природна рамнотежа во природата, прилагодувана со милениуми.Обновувањето на шумите трае релативно долг период. А и кога ќе се обнови по правило може да се промени, видот на вегетација а со тоа и се што зависи од тоа. Обновата во зависност од видот на дрвјата, почвените услови и слично, вообичаено трае од 30 – 50 години. Многу од сега живите нема да го дочекаат”- објаснува екологистот.
Минатата година како што вели имало иницијатива за враќање на стариот Фонд за шуми како еден од моделите за системска обнова на голини и ерозивни подрачја, но и анимирање на луѓето од руралните средини и нивно стручно усовршување за грижата за шумите. Мазгански е дел од основачите на Иницијативата Ден на дрвото која вели имала одлична идеја но под силна политизација не ја остварила својата цел.
“Акцијата предизвика масовен одзив во првите 2 – 3 акции. Подговката на теренот за пошумување и садниците требаше да ги обезбедат Македонски шуми, за кои пари одобруваше Вадата. НВО Ден на дрвото доби мали средства од странство и/или од одредени работни организации во Македонија.Во сите планови и активности беа вклучени експерти од Шумарскиот факултет, а непосредна грижа за садниот материјал и заштитата на пошумените површини требаше да се грижат Македонски шуми. Покасно, во активностите на Ден на дрвото се инволвира и политиката, па го направи со помал ентузијазам и ефикасност”- објаснува Мазгански.
По големите пожари пред десетина години, а по Иницијативата на ООН за масовно пошумување на Планетата – милијарда нови садници на Планетата, екологистите покренале иницијатива за враќање на масовното пошумување со учество на граѓаните. Во осумдесетите години од минатиот век, како што вели Македонија беше на врвот по вештачко пошумување во регионот сметано по глава на жител. Денеска свесно или не се уништува недопрената природа, штета која ќе ја плаќаат идните генерации преку своето здравје и џеб.
