(ОБНОВЕНО) ПОЖАР ВО ПАРК ШУМАТА ГАЗИ БАБА - пожарникарите се на терен, пламените им се приближуваат на куќите
Пожар избувна денеска во парк шумата Гази Баба, а на терен веќе се екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје.
Пожарот според информации од ДЗС е ставен под контрола, но тоа не значи дека е изгаснат.
Претходно загрижени граѓани испратија фотографии до редакцијата на Фактор, на кои се забележува чадот кој се издига над парк шумата.

На социјалните мрежи се прошири инфомрација дека пожарот се приближува до куќите во наслебата
- Пожар во Гази Баба – огнот се приближи до населено место
Во моментов гори во парк шумата Гази Баба во Скопје. Огнот е многу блиску до населеното место - се посочува во објавата.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека за пожарот веќе е информирана Противпожарната бригада и дека се испратени пожарникари на терен.
- Пожар во парк шумата Гази Баба, интервенираат скопските пожарникари - напиша накратко Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.

Дека пожарот во парк-шумата Гази Баба е ставен под контрола, соопшти и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.
- Пожарот во парк-шумата Гази Баба е ставен под контрола. Центарот за управување со кризи веднаш ги контактираше и ги координираше надлежните институции, а Противпожарната бригада на Град Скопје интервенираше брзо и професионално на терен - наведува Али.
Тој информира дека бил присутен на местото на настанот заради координација на активностите и следење на состојбата.
Како што посочува, состојбата постепено се стабилизира, а надлежните служби ќе останат на терен до целосно гаснење на пожарот.
Од ЦУК апелираат до граѓаните, доколку забележат пожар, чад или каква било опасност, веднаш да пријават на единствениот број за итни случаи 112.
- Воедно, ги повикуваме граѓаните да бидат особено внимателни при движење во шумски и планински подрачја, да избегнуваат какви било активности што можат да предизвикаат пожар и да ги почитуваат препораките на надлежните институции - велат од ЦУК.
Фото: Фактор
