Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОЖАР НА ДЕПОНИЈАТА КАЈ РАДОВИШ: екипите се на терен од вчера, но ставање под контрола е отежнато, гори пластика и отпадни материјали

ПОЖАР НА ДЕПОНИЈАТА КАЈ РАДОВИШ: екипите се на терен од вчера, но ставање под контрола е отежнато, гори пластика и отпадни материјали

Подметнат е пожар на депонијата во близина на градот Радовиш, а во неа бил уништен булдожер, објави заменик директорот на Македонски шуми, Кире Михаилов. 
Пожарот иако вчера еднаш бил изгаснат, повторно се активирал, или повторно бил поттикнат, поради што се уште е активен, и според Михаилов не се знае кога точно ќе биде целосно ставен под контрола бидејќи горат отпадни материјали. 
- Во текот на вчерашниот ден, беше запалена депонијата која се наоѓа во близина на градот Радовиш!

По брзата реакција на ТППЕ Радовиш, комуналното претпријатие Плаваја и останатите локални институции, пожарот беше локализиран!

После неколку часа, депонијата беше запалена од спротивната страна и тоа во огромна линија која наеднаш отвори огромен фронт.

Пожарот се прошири опасно при што е целосно опожарен и еден булдожер кој се наоѓал на депонијата, а за кој постојат индиции дека е намерно запален - истакнува Михаилов во објавата на социјалните мрежи. 

Потоа дополни дека во текот на целиот вчерашен и денешен ден активно се гаси пожарот со сите капацитети, но, неговото ставање под контрола ќе биде отежнато затоа што гори пред се пластика и други напластени многу горливи отпадни материјали кои најверојатно ќе можат да се изгаснат само со потрупување и загушување.

- Активиран е Кризниот Штаб на општина Радовиш кој ќе заседава денеска каде ќе се донесат одлуки што понатаму и дали ќе се побара помош од владата, од останати институции или соседните општини.

МВР работи на откривање на сторителите на оваа екокатастрофа и се надевам во брзо време истите да бидат извадени пред лицето на правдата и осудени - нагласува Михаилов. 




Фото: Принтскрин/Фејсбук

Слично

Поврзани вести