Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пожар избувна во ТЕЦ Осломеј, три недели откако беше приклучен на мрежа

Пожар избувна во ТЕЦ Осломеј, три недели откако беше приклучен на мрежа

Пожар доцна синоќа избувнал во термоелектраната Осломеј кај Кичево, а пријавата пристигнала нешто по 20.00 часот при што веднаш на терен пристигнале екипи од територијалната противпожарна единица. Пожарот се гаснел до полноќ.

Во моментов нема информации за штетата и дали воопшто во овој момент термоелектраната, која е стара 42 години и користи сопствен и увозен јаглен, произведува електрична енергија.

„Во период од 20:15 до 23:45 часот, со 5 пожарникари и 2 ПП возило интервенирале на појавен пожар во ТЕЦ-Осломеј во просториите кај што биле сместени турбините“, соопштиле од Регионалниот центар за управување со кризи во Охрид.

Воздухот во градот предизвикувал лош мирис, а зголемување на загаденоста не можела да се потврди бидејќи мерната станица не испраќа податоци.

Во меѓувреме се огласи и ЕСМ, кој известува дека ТЕЦ Осломеј е исклучен поради самозапалување на јаглен надвор од електраната, во делот за отпепелување и дека се очекува за брзо време капацитетот да биде вратен на мрежа.

„Термоелектраната Осломеј вечерва е исклучена од производство поради проблем со еден од вентилаторите во делот на отпепелувањето, што доведе  до самозапалување на помала количина несогорен јаглен и пепел. Настанатиот пожар од помали размери надвор од термоелектраната, е локализиран со  сопствени ресурси, додека од превентивни причини е повикана противпожарната служба, согласно процедурите за запостапување.

Веднаш ќе се пристапи кон санирање во делот на вентилацијата на отпепелувањето и се очекува електраната да биде вратена на мрежа во најбрзо време и да работи според планот за производство, за што е обезбедена доволна количина набавен јаглен и јаглен од сопствен ископ на РЕК Осломеј“, соопшти ЕСМ.

ТЕЦ Осломеј беше вклучен на мрежа на 3 декември. Во претходниот период се вршеа неопходни дополнителни ремонтни активности, особено на млиновите и каналите за јагленова прашина кои се најизложени на влијанието на користењето јаглен од различни наоѓалишта.

Кичевскиот капацитет е најпотребен за зимските месеци, кога потребата од електрична енергија е најголема, а истовремено купувањето струја од странство е скапа опција.


Слично

Поврзани вести