Повторно пожар во Тетово, евакуирани станари, од кои тројца биле неподвижни
Фото: Тетово Инфо
Пожар во подрумските простории на една од зградите во комплексот „Чешел“ во Тетово избил на улица „Борче Кочоски“ во Тетово денеска рано наутро околу 4:30, а пожарникарите биле принудени да извлечат три неподвижни лица поради загушувачкиот дим додека станарите се евакуирале.
Пожарот избил од табла за струјомери во подрумските простории, а според првичните информации од противпожарната екипа, повеќе станари и еден пожарникар побарале медицинска помош поради чадот. Огнот за среќа не зафатил ниту еден стан. Се интервенирало со две возила и десет пожарникари.
- Ние веднаш почнавме да интервенираме со ПП апарати. Поради тоа се појави голем чад кој се прошири низ ходниците на целата зграда и затоа се одлучивме да ги евакуираме сите станари. При тоа, наидовме и на три неподвижни лица, но сите ги извадивме надвор. Неколкумина од нив поради чадот побараа и добија помош од медицинскиот персонал кои дојдоа со амбулантски возила. Голема помош во евакуакцијата имавме од полицајците, вели Ука Алити, командант на тетовските пожарникари.
