Повторно одложено рочиштето за Грујевски и Бошкоски - која е причината?
Рочиштето на кое требаше да се одлучува за барањето на политички азил на поранешните разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски кои се наоѓаат во притвор во близина на Солун денеска е одложено.
Проблем било што немало официјален преведувач на македонски јазик. Одложувањето е на неопределно време. Комисија на грчкото Министерство за внатрешни работи требало да ги сослуша двајцата, зошто бараат азил во Грција. Солунскиот суд минатата недела одлучи дека Грујевски и Бошкоски ќе бидат екстрадирани во земјава, откако беа фатени со лажни бугарски пасоши во обид да пребегаат во Унгарија. Нив треба да им се суди за ова дело во Грција дури во мај. Нивните адвокати најавија жалби на одлуката за екстрадиција до Врховниот суд во Атина.
Во меѓувреме, во скопскиот Кривичен суд на 17 јануари почнува процесот на СЈО „Таргет Тврдина“ за најголемата афера со масовното прислушување, во кој обвинети се Грујевски и Бошкоски, но и нивните некогашни претпоставени, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкулоска.
