ПОВТОРНО „ЛЕТАА ПАРТАЛИ“ МЕЃУ АРСОВСКА И СЛАВЕСКИ - во циркусот имаше и ситен лопов, деспот и тиранин
Повторно вистински циркус се случуваше денеска во Советот на Град Скопје. Тоа го донесе седницата за советнички прашања, која се одвиваше тензично, со препукувања меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претседателот на Советот Трајко Славески.
Откако координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Љубица Јанчева постави три прашања до градоначалничката Данела Арсовска, таа излезе и се обиде без микрофон да одговори, игнорирајќи го предлогот на Славески да седне некаде каде има микрофон.
-Еве седнете на оваа фотеља до мене- истакна тој.
Изреволтиран, претседателот на Советот потоа даде 15 минути пауза.
Инаку, од богатиот арсенал на навреди може да издвоиме дека Арсовска го нарече Славески деспот, тиранин и Хитлер, бидејќи не и дозволи да одговори на советничко прашање, по што вработен од службите и прикачи микрофон на палтото, по што тој повторно ја прекина седницата, поради неовластено поставување микрофони.
„Вие сте деспот и тиранин. Јас имам право да се искажам од говорница согласно деловникот. Вие имате право да му одземете збор на советник, а не на градоначалник“, реагираше Арсовска.
На тоа Славески и одговори дека можеби е Хитлер и како што истакна заради опструкции и не постоење услови ја одложи седницата за 14 ноември во 11 часот, пред редовната седница на Советот на Град Скопје.
На тоа градоначалничката продолжи дека на Славески не му доликува да го прави како што го нарече овој циркус овде.
-Навистина е недолично ова што го правите. Прво го кршите Уставот, второ сте ситен лопов и сте човек којшто краде и не е во ред ова што го правите! Крадете. Тој микрофон е сопственост на Град Скопје и на службите овде – реагираше Арсовска и ја напушти говорницата.
