Повторно блокиран автопатот Миладиновци - Штип
Денеска повторно како и вчера, поради протест, е блокиран автопатот Миладиновци - Штип, со изразување на незадоволство против концесионер кој врши ископ додека надлежните институции водат истрага.
Жителите од Средно Коњари два дена по ред протестираат поради концесионерот кој интензивно ископува песок и чакал, иако работењето е под ревизија.
Случајот на површински ископ на песок и чакал меѓу селата Долно и Средно Коњари во Општина Петровец е во фокусот на медиумите, особено поради сплотеноста и жестоките реакции на локалното население кое се противи на тоа.
Жителите стравуваат од поплави и загадување на подземните води. Бараа власта на највисоко ниво да се вклучи во одбрана на природните ресурси.
Двочасовните блокади на автопатот предизвикуваат метеж од автомобилите и другите моторни возила затечени на делницата.
