Поврзаноста со пушењето е докажана кај три малигни заболувања, едно од нив е рак на мочниот меур: Д-р Мицковски со детали
Докази за поврзаноста со пушењето има кај три малигни заболувања - ракот на белите дробови, на грлото и на мочниот меур и мочните патишта, вели доктор Александар Мицковски, специјалист по урологија, во интервју за МИА.
- Ако зборуваме за малигните болести, исто така е докажана поврзаноста и штетното влијание на пушењето. Дури изолирана е и супстанцијата која е дел од цигарите, од никотинот, која е активатор на тие малигни заболувања, тоa е бензопиренот. И сигурно е докажано кај три малигни болести дека има директната поврзаност со тој агент. Тоа се, пред сè, ракот на белите дробови, на грлото и на мочниот меур, меѓутоа и на мочните патишта, затоа што уринарниот тракт по цела своја должина има ист тип на слузница, нагласува Мицковски.
За пациенти што имаат рак на мочниот меур и мочните патишта, вели дека доколку тие не престанат да пушат, а во меѓувреме им е подобрена здравствената состојба, таа потворно може да се влоши.
- На пример, ако сте оперирале мочен меур на десната страна, ќе се повтори на спротивната страна. И тука таа стапка не е мала, туку е 25 проценти. Односно, кај секој четврти што сме го оперирале, очекуваме уште еднаш во животот да се повтори овој агресивен тумор. Кај овие пациенти, препораката, освен да прекинат да пушат, е и да прекинат пасивно да пушат. И затоа го поддржуваме ова законско решение. Затоа што, ако во куќата има пушач, тој не смее дома да пуши, мора надвор. А за рестораните уште повеќе, порачува доктор Мицковски.
Смета дека нема медицински работник што нема да застане зад предлог-законот за заштита од пушење бидејќи, како што вели, последиците од пушењето се далекосежни.
Со Мицкоски разговаравме и за ракот на простатата, кој, според статистиките, е на второ место по смртност кај машката популација и од кој кај нас годишно во просек заболуваат 70-ина нови пациенти.
Докажано е, нагласува, дека простатата почнува да расте по 40-тата година, но она што е типично само за овој тип на тумор е дека нема свои специфични симптоми. Симптомите од бенигното зголемување, од самиот раст на простатата, се исти со оние ако во таа простата има и малигни клетки. Симптомите и во бенигните и во малигните случаи се делат на две групи: опструктивни и иритативни. Појаснува дека опструктивните значат потешко мокрење, напнување за мокрење, заостанување урина, капење на урината, немање силен млаз, осцилации во млазот, кои кај поексплицитните случаи доведува и до капење урина. Се појавува и чувство на постојана болка во стомакот затоа што урината заостанува. Иритативните се почесто мокрење, станување ноќе, но и неможност да се извршуваат секојдевните обврски поради постојаната потреба од мокрење.

Ракот на простатата не се забележува на ехо. Без разлика колкава е вредноста на ПСА-маркерот како лабораториски скрининг, на ехо-прегледот простатата изгледа еднакво, иако може да има разни вредности. Затоа, доколку има некакви сомневања или индикации, потребно е да се направи магнетна резонанција.
- За да ја индицираме, претходно има други постапки, покрај ехо, лабораторија, ректален преглед на простатата. До неодамна немавме начин да видиме дали во таа простата што сме ја виделе сме измериле волумен, позиција, начин како мокри пациентот, но тоа сега го мериме, има апарат со сензори, кој мери со која брзина мокриме и црта дијаграм, дали мокриме хомогено, мазно или е тоа испрекинато како пила, еве да кажеме, така го опишуваат. Меѓутоа, немавме можност да видиме дали во таа простата се случува нешто што не треба. Сега тоа го овозможува оваа напредна мултипараметарска магнетна резонанција, посочува Мицковски.
Од неодамна во Клиниката „Аџибадем Систина“ се применува нова метода, првпат во нашата држава, преку која со локална анестезија се третира бенигно зголемување на простатата.
- Методата се состои во употреба на врела водна пареа, над 100-103 степени, бидејќи е под висок притисок, меѓутоа овој генератор ја добива со радиофреквентна енергија, (не со топлина, сè е ладно), која преку еден рачен уред вие ја испорачувате преку игла на типични зони за кои сте биле на обука како и каде треба да боцкате, колку долго итн. и тоа доведува до изумирање на простатното ткиво, односно она ткиво што пречи на проодноста на каналот. Вие тоа го гледате на камера и завршува процедурата. Пациентот за два часа е испишан од болницата. По две недели, почнува изумирањето на ткивото и организмот, со своите природни процеси на варење на храната, тоа ткиво го отстранува. Не го измокрувате, многумина мислат ќе мокрам нечистотии, ќе мокрам парчиња, ќе биде морничаво, но не е така. Значи, организмот го вари тоа ткиво со своите природни механизми на лекување, вклучително и варењето на храната. На пример, зрачите некој тумор и го нема веќе. Тоа не значи дека го измокривте туморот, туку тој се стопил, го сварил организмот. Вакво нешто се случува и со ова мртво ткиво. И ако имавте еден затворен канал, сега се добива широка јама, појаснува Мицковски.
Посочува и дека целиот процес почнува две недели до три месеци по интервенцијата, а потоа таа состојба ќе се одржува во наредните 10 години. Досега е спроведена на 100 пациенти, претежно повозрасни, но има и помлади, а најмладиот е 21-годишник. Со тоа се избегнуваат посложените операции со целосни анестезии, кои се особено ризични за постарите лица што имаат разни коморбидитети. И, како што посочува докторот Мицковски, кај 100 отсто од пациентите самиот производител гарантира зачувување на потенцијата, ерекцијата и исфрлање сперма.
Иднината на медицината е во превенцијата на малигните болести, порачува Мицковски, нагласувајќи дека во последно време забележува зголемување на свесноста кај помладата генерација мажи за потребата од редовни скрининзи. Во однос на тоа дали се размислува за воведување задолжителен преглед еднаш годишно на уролог за машката популација, вели дека тој лично смета дека треба да се оди во таа насока и како добар пример ја посочи Словенија, каде што Министерството за здравство пропишува одредени прегледи, кои треба да се направат на одредена возраст за што граѓаните добиваат известувања.
