ПОВРЕДЕНИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: Наредната недела од болница ќе бидат испишани тројца
Потешко повредените во пожарот во Kочани остануваат на лекување во странство.
Наредната недела од болница ќе бидат испишани и 3-цата повредени кои цело време се на лекување во Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“. Во оваа установа ќе остане само една пациентка која беше третирана и во Србија.
„Најголем број или 99 отсто од оние кои што се вратија се испишани за дома со закажани редовни контроли, само една пациентка која што беше вратена од Србија се уште е во болницата и ќе има потреба да продолжи нејзиниот престој. Сите имаа изгореници од различен обем не можам да кажам конкретно, бидејќи сите имаат различни проценти на изгореници. Најголем дел од нив имаа т.н. инхалациони повреди, така што по средувањето на состојбата во однос на инхалационите повреди во онаа фаза во кое што е стигнато лекувањето во странство се правеа контроли и се пуштаа на домашно лекување“, изјави д-р Небојша Настов, директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски” – Скопје.
На 16 март годинава во дискотека во Кочани изби пожар, каде загинаа 59 луѓе, а потоа бројот на жртви се зголеми на 62. Повредени беа околу 200 луѓе.
