ПОВЛЕЧЕН ПРЕДЛОГОТ ЈОВЕСКИ ДА СТАНЕ УСТАВЕН СУДИЈА - Остра реакција од најголемата опозициска партија
Предлогот за кандидатот Љубомир Јовески да биде избран за судија во Уставниот суд е повлечен, согласно тоа беше исцрпен дневниот ред од 13. седница на Комисијата за избор и именувања и расправата во Собранието на Република Северна Македонија заврши.
Денешната расправа беше 25 продолжение на 13.седница на Комисијата на која се одвиваше дебата за кандидатот за уставен судија Љубомир Јовески, кој во меѓувреме се пензионираше и веќе не е јавен обвинител.
Јовески беше еден од кандидатите предложени од СДСМ за работа во Уставниот суд.
Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови заглави во Собранието.
По повлекувањето на неговата кандидатура се огласија од најголемата опозициска партија во земајва, од каде велат дека откажувањето од Јовески за уставен судија е „бидејќи повеќе нема да може да им ги крие предметите на нивните криминалии“.Главниот политички егзекутор, слепиот послушник и најревносниот заштитник на криминалот на власта во изминативе 6 години, Љубомир Јовески, денес СДСМ го „пушти низ вода“, кажа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, додавајќи дека по 2 и пол години и 25 продолженија на матичната Комисија во Собранието, по еклатантно кршење и газење на Деловникот, власта сега се откажува од Јовески.
- Но да не се лажеме, СДСМ преку ноќ не се претвори во добра вила, туку СДСМ се откажува од него само поради тоа што повеќе не им е потребен. Тој својата задача за која што го поставија, очигледно си ја заврши. Тој веќе не е подобен да биде уставен судија бидејќи повеќе не е јавен обвинител и нема да може да им ги крие предметите за нивните криминали и да ги штити криминалците во власта. Имено, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ веќе 6 години во сите свои јавни настапи и дискусии во Собранието кажувавме дека овој човек е канцерот на македонското судство, во чиј мандат довербата во судството ја достигна нулата. Неговиот мандат беше проследен со многу скандали, безброј непокренати обвиненија, скриени предмети, смешни пресуди, ослободување на криминалци и уште многу скандали и срамни одлуки - истакна Мицевски.
Воедно истакна дека, власта сега го пушта низ вода Јовески, исто како што ги пушти низ вода и Катица Јанева, но и Вилма Русковска, во оној момент кога повеќе не им беа потребни.
- Така СДСМ функционира, и со луѓето и со институциите. Така било во минатото, така е и сега. Полека но сигурно, се гледа крајот на оваа лакрдија. Доаѓа време на ревизии, на преиспитување на некои одлуки и решенија, но и на одговорност за сите злодела и криминали кои што се случија во изминативе 6 години. Одговорност и за оние кои што тие криминали ги правеле, но и за оние кои што тие криминали ги штителе. Никакви повлекувања и никакви премислувања како ова денес, нема да ги спасат од одговорност сите кои 6 години мислеа дека се недопирливи – посочи пратеникот.
