ПОВИК ЗА АКЦИЈА: Можеме ли да придонесеме ако семките од овошјето ги фрлиме во природа?
На социјалните мрежи деновиве се појави повик со кој се бара граѓаните летово да не ги фрлаат во смет семките од овошјето кое ќе го конзумираат, туку истите да ги исушат и да ги фрлат на оголени површини, со што ќе придонесат за поубава и поздрава средина во Македонија.
„Идејата неколку години се спроведува во Тајланд со значителен успех во северните делови на земјата. Прифатена е во Малезија, а оваа година постепено се шири и во Европа. Во регионот сме први кои ја актуализираме како идеја. Идејата е едноставна, како што е напишано. Со секое одење во природа си го земате хартиеното ќесе со исушени семки на сонце од овошки и како што одите во природа фрлате и малку со ногата ја забрефтувате семката со земја. Истата семка може да никне после една, две или три години кога за истата би се создале поволни услови, влажност во почвата и сонце“, велат од Здружението „За почиста и поубава Македонија“.

Сепак кај дел од граѓаните има сомнеж дали со еден ваков потег ќе се придонесе за природата, затоа што одредени овошни дрвца бараат и човечка грижа.

„Добра е идејата, на пример семките од слива, цреша, вишна на многу лесен начин ако бидат засадени во почвата, а не само фрлени, може во голем процент да се зафатат и да израснат во овошки. Праската и кајсијата поретко, но генерално добра е идејата. Оваа идеја е најдобра за градинките, училиштата, да си засадуваат во мали кутивчиња, и кога ќе пораснат дрвцата да ги пренесат во дворот. Секако дека ќе им служат и како храна“, вели екологистот Светлана Станојковска од Пробиштип.
Тајландската влада ја промовираше оваа акција на сите нејзини граѓани во текот на изминатите неколку години. Неколку региони водеа интензивна кампања со голем успех. Бројот на овошни дрвја во природата се зголеми, особено во регионите на северен Тајланд. Малезијците се приклучуваат во оваа голема иницијатива за ширење изобилство во природата и на овој едноставен и ефикасен начин да допридонесеме за генерациите што доаѓаат.
Сања Атанасовска