Повик до ВМРО-ДПМНЕ повеќе да не протестира пред Министерството за здравство
Министерството за здравство го повика ВМРО-ДПМНЕ да не организира повеќе собири откако опозициската партија најави уште еден протест пред оваа институција утре. Од министерството велат дека со тоа се придонесува за зголемување на бројките во пандемијата.
„Во време на полициски час и затворени објекти, како би спречиле вирусот Ковид 19, да се шири, ВМРО ДПМНЕ одбира да прави партиски собири и да ги крши мерките по којзнае кој пат. Грижата кон граѓаните погодени од ковид кризата, опозициската ВМРО ДПМНЕ, ја покажа и докажа синоќа во Собранието. ВМРО ДПМНЕ одбира да биде на страната на манипулациите, лагата, смислени сценарија за наводни криминали провизии.
Министерството за здравство жали што опозициската партија одбива да искористи ефикасен и конструктивен демократски механизам туку единствено што прави ја опструира работата на здравствените работници кои се на правата борбена линија на ковид пандемијата“, се вели во реакцијата на МЗ.
ВМРО-ДПМНЕ протестираше пред министерството изминатата сабота и побара оставки поради доцнењето на набавката на вакцини против Ковид-19 и големиот број на смртни случаи.
