Економија, финансии, бизнис

Контакт

Повеќе продадени возила, помали трошоци: Автомакедонија со подобар резултат

Повеќе продадени возила, помали трошоци: Автомакедонија со подобар резултат

Автомакедонија АД Скопје во првиот квартал од 2026 година оствари позитивни финансиски резултати, при што растот на приходите и намалувањето на трошоците придонесоа за подобрување на профитабилноста. 

Податоците кои компанијата ги објави на Македонска берза покажуваат дека нивната оперативна добивка се зголемила за дури 150 процнети. 

Според поединечните, неконсолидирани и неревидирани финансиски извештаи, компанијата не направила промени во сметководствените политики, што овозможува директна споредливост со истиот период од минатата година.

Оперативните приходи достигнале до 113,7 милиони денари односно околу 1,85 милиони евра, што претставува зголемување од 2%, главно како резултат на зголемената продажба на возила на домашниот пазар. 

Истовремено, оперативните расходи се намалени за 2% и изнесуваат 107,3 милиони денари или околу 1,74 милиони евра, при што најголемо намалување има кај трошоците за вработени, кои се пониски за околу 27%. 

Намалување е забележано и кај материјалните и услужните трошоци, додека набавната вредност на трговските стоки бележи благо зголемување поради поголемиот обем на продажба.

Како резултат на овие движења, оперативната добивка изнесува 6,5 милиони денари или околу 106 илјади евра, при што забележале значително подобрување од над 150% во однос на истиот период лани. 

- Како резултат на растот на приходите и оптимизацијата на трошоците, оперативната добивка изнесува 6,5 милиони денари, што претставува значително подобрување во однос на претходната година (раст над 150%) - се посочува во извештајот објавен на Македонска берза. 

Во делот на финансиските активности, не се евидентирани финансиски приходи, додека финансиските расходи се намалени за 17% и изнесуваат 1,4 милиони денари (околу 23 илјади евра), што се должи на пониски каматни трошоци.

Нето резултатот за првиот квартал од 2026 година изнесува 5,1 милиони денари (околу 83 илјади евра), што претставува раст од 4% на годишно ниво. Од компанијата посочуваат дека ваквиот резултат е пред сè резултат на подобрената оперативна ефикасност и оптимизацијата на трошоците.


Слично

Поврзани вести