ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ДОКТОРИТЕ - се зголемува капитацискиот бод за општа медицина и гинекологија за 33 отсто, за стоматологијата за 23 проценти
Донесена е одлука за историско зголемување на капитацискиот бод за матичните доктори од општа медицина, гинекологија и стоматологија, почнувајќи од април годинава, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на денешната пресконференција.
- Вредноста на капитацискиот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари или за 33 отсто, додека за стоматологија од 61 на 75 денари или за 23 проценти - укажа Мицкоски.
Како што истакна премиерот на прес-конференција во Владата, зголемувањето на капитацијата ќе значи повисоки плати и помотивирани лекари.
- Ова зголемување доаѓа по повеќегодишна стагнација во периодот од 2019 до 2022 година кога бодот иснесувал 63 и 48 денари.
Ако погледнеме наназад, од 2015 година до сега, капитацијата за општа медицина порасна од 50 на 100 денари-удвојување на вредноста за една деценија. За гинекологијата исто така имаме раст од 50 на 100 денари, додека за стоматологија од 35 на 75 денари, што е зголемување за 114 отсто.
Потценетоста на примарната здравствена заштита доведе до намалување на бројот на амбуланти во 2024 година во однос на 2023 година за 34 амбуланти по општа медицина и 24 по стоматологија, а над стотина помалку амбуланти по општа медицина има сега во однос на 2015 година. Посебно намалување има во руралните и помалите места, за кои уште во јануари се донесоа посебни мерки.
Државата издвојува околу 4,5 милијарди за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над 9 милиони евра - објасни премиерот
Потоа додаде дека ова зголемување ја покажува посветеноста да се подобри статусот на матичните лекари и за поквалитетна здравствена заштита за сите граѓани.
- Со новото зголемување, просечниот износ по матичен лекар дополнително ќе се подобри, што значи и поголема мотивација и поддршка за нивната работа.
Правиме максимум и се трудиме. Никогаш не е доволно и свесни сме за тоа, но правиме максимум да ги подобруваме и променуваме работите. Секој изминат ден секој наш чекор состанок е посветен на тоа да направиме нешто подобро.
Оваа одлука е дел од нашата стратегија за унапредување на здравствениот систем, препознавајќи ја клучната улога на матичните лекари во превенцијата и лекувањето. Ви благодарам на довербата и поддршката. Заедно продолжуваме да градиме подобра иднина за сите! - кажа на крајот премиерот.
Фото: Принтскрин/Фејсбук/Влада
