ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА АГЕНЦИЈАТА НАМЕСТО ВО БУЏЕТОТ: Еве какви измени носи Законот за управување со конфискуван имот
Зајакнување на Агенцијата за управување со одземен имот, како институционално, така и финансиски, но и воведување на електронски регистар за водење на одземениот и конфискуван имот. Ова се дел од новините кои ќе настанат со измените на Законот за управување со конфискуван имот.
На основа на претходното законско решение беше основана Агенција за управување со одземен имот, со својство на правно лице, која е надлежна да управува со конфискуваниот имот. Сега, предлагачите на измените, Владата и Министерството за правда, посочуваат дека се увидени слабости и недостатоци.
- Имплементацијата на постојниот закон покажа низа есенцијални слабости. Слабиот процент на реализирани предмети со конфискација се должи на законската рамка кај процесните закони (ЗКП и управните постапки во кои се конфискуваат и одземаат предметите), но и на овој закон, согласно што се одлучи да се пристапи кон подготовка на ново законско решение во кое ќе бидат вградени меѓународните стандарди за постапување со конфискуваниот имот – се наведува во предлог законот доставен во Собранието.
Со овој закон се
врши усогласување со Директивата на Европскиот парламент за замрзнување и
конфискација на предмети и приноси од казниво дело.
- Членот 10 од Директивата на Европскиот парламент за замрзнување и конфискација на предмети и приноси од казниво дело во ЕУ јасно определува дека земјите членки ќе ги преземат неопходните мерки да основаат централизирана канцеларија за управување со замрзнатиот и конфискуван имот, што вклучува и продажба или трансфер на имотот каде е потребно. Согласно Директивата, земјите се охрабруваат да дозволат конфискуваниот имот да се користи за јавен интерес или за социјални цели. Овие одредби од Директивата упатуваат дека надлежноста и улогата на Агенцијата за управување со конфискуваниот имот треба да е централна, таа е единствената институција која постапува по одлуките на судот и другите државни органи и управува со привремено или трајно конфискуван или одземениот имот – се појаснува во законот.
Предлагачите посочуваат дека Агенцијата треба да биде зајакната институционално и финансиски за да се обезбеди непречено функционирање и управување со конфискуваниот имот, за кој се појавуваат зголемени трошоци за одржување.
Новините кои ги носи овој закон се зајакната улога и зголемена одговорност на Управниот одбор на Агенцијата, соработка со домашни и странски канцеларии за поврат на имот, како и странски и други меѓународни организации. Исто така ќе се воведе можност право на откуп први да имаат сосопствениците на одземените или конфискувани предмети, а ќе се утврди и можност за издвојување на одземен или конфискуван имот од стечајната маса или од имотот врз кој е засновано заложно право.
Ќе се воведе електронски регистар за одземен и конфискуван имот, одредби со кои се органичува можноста од злоупотреби во однос на висината на цената на понудувачите, како и критериуми за дисквалификација на несовесните учесници на јавното наддавање.
Со цел Агенцијата да располага со потребниот капацитет за успешно да постапува по предложените постапки со Предлог-законот, за финансирањето се предлага освен средства од Буџетот, седум проценти од средствата добиени од јавните продажби како директен приход за ефикасно работење.
- По 2 отсто од вредноста на остварениот приход од секоја продажба на одземените предмети и конфискуваниот имот, од Буџетот на Македонија се пренесуваат на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Царинската управа – пишува во законското решение.
Исто така се потенцира оти целта на овој закон е да овозможи брза и ефикасна постапка во која конфискуваниот имот со правосилна судска одлука успешно ќе се продаде и ќе се овозможи враќање на криминално стекнатите средства и имот.
Законот ќе предизвика фискални импликации врз државниот буџет. Дел од процентот од продажбата ќе се уплати во буџетот на Агенцијата, наместо во буџетот на државата. Воведувањето на електронски регистар еднократно и неговото одржување, зголемениот состав на Управниот одбор за два члена и двете комисии предвидени со законот ќе предизвикаат дополнителни финансиски импликации, пишува во законот.
Сепак, предлагачите сметаат дека со новите ефикасни постапки за управување со конфискуваниот имот ќе се намалат трошоците за чување и управување со имотот, бидејќи се предвидува брза продажба.
Токму деновиве е актуелна продажбата на имотот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Купец на неговиот имот беше компанијата „Бест веј инвестмент“, фирма во сопственост на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков, кој стана новиот сопственик на трите стана и гаража на Водно.
П.О.
