Повеќе од еден месец обиди за средба, дали ќе има разговор меѓу Силјановска Давкова и Жељазков во Хаг?
Уште еден голем политички настан изгледа ќе помине без средба на високо политичко ниво помеѓу Македонија и Бугарија откако се формирани новите владини раководства во двете земји.
Сè уште е нејасно дали ќе се одржи најавуваната средба меѓу претседателката Гордана Силјановска Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељазков на маргините на Самитот на НАТО во Хаг.
Македонската страна чека повеќе од еден месец потврда за оваа средба, додека бугарската страна не даде никаква потврда.
Средбата беше предложена за време на посетата на Македонија од страна на шефот на Европскиот совет Антонио Кошта, како чекор кон подобрување на односите меѓу двете земји.
Самитот во Хаг започна вчера, а ќе се одржува и денес. Вчера кабинетот на Силјановска Давкова информираше дека таа имала средба со генералниот секретар на Постојаниот арбитражен суд во Хаг, д-р Марцин Цепелак.
Во Хаг е и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
