ПОТРОШУВАЧКИТЕ И СТАНБЕНИТЕ КРЕДИТИ НАЈБАРАНИ - продолжува трендот на раст на кредитите и депозитите
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 13,2 отсто, и се должи на растот на депозитите на двата сектора, којшто е поизразен кај секторот „домаќинства“.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 13,5 проценти, и во поголем дел произлегува од зголемените кредити на корпоративниот сектор, при раст и на кредитирањето на секторот „домаќинства“.
Ова се најновите податоци кои ги објави Народната банка, од каде додаваат дека кредитната активност продолжува со позитивен тренд.
Вкупните кредити се зголемени за 0,9 проценти месечно и 13,5 отсто годишно. Најголем придонес има корпоративниот сектор, но раст е забележан и кај домаќинствата.
- Во септември 2025 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен пад од 2 проценти, под влијание на намалените краткорочни депозити и депозитните пари, во услови на зголемување на долгорочните депозити во денари.
На годишна основа е забележан раст од 12,8 отсто, во најголем дел како резултат на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити - се наведува во соопштението на Народна банка.
Кај домаќинствата, депозитите се зголемени за 1,2 проценти месечно, а годишно за 13,6 отсто, со најголем придонес од депозитните пари и долгорочните депозити во денари.
Кредитите на домаќинствата бележат месечен раст од 1 процент и годишен од 10,8 отсто, со поизразен раст кај кредитите во денари, се појаснува во соопштението на НБ.
Од Народна банка истакнуваат дека во септември 2025 година, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, на месечна основа се зголемени за 0,9 отсто и 1,6 проценти соодветно, при годишен раст од 10,2 отсто и 16,1 процент, соодветно.
Автомобилските кредити растат месечно за 1,3 процент, но годишно се намалени за 0,6 отсто. Кредитите одобрени преку кредитни картички се намалени за 0,3 проценти месечно и 6,7 отсто годишно.
Фото: Фактор
