Потресно сведоштво на случаен минувач: Саздовски плукаше крв по смртоносното тепање
Миле Алексовски, кој сведочеше за убиството на навивачот Никола Саздовски како случаен минувач на настанот, на судското рочиште изјави дека 20-годишникот плукал крв додека залудно го освестувале откако бил претепан и добил удар со нога во вратот откако паднал како покосен на земја.
Тој ги препозна обвинетите за убиство со умисла Бесир Беља и Скендер Демири, кој го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.
– До мене беше покојниот Никола и девојката, дојдоа тројца дечки мислев дека се знаат, му побараа лична карта и почнаа да го удираат. Викав остајте го детето ќе викнам полиција. Тоа траеше околу минута, минута и пол. Детето падна од удирањето и удри на главата. Двајца дечки побегнаа накај колата „мерцедес“, а едниот го удри со нога на вратот. Ја запалија колата и отидоа, истакна сведокот Миле Алексовски на рочиштето за убиството на Никола Саздовски.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.
