Економија, финансии, бизнис

Контакт

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Институтот на сметководители и овластени сметководители

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Институтот на сметководители и овластени сметководители

Меморандумот предвидува реализација на голем број активности, почнувајќи од континуирана размена на информации, податоци и искуства, преку организирање заеднички обуки и учество во научни и апликативни проекти и студиски посети, па сѐ до соработка и координација во процесот на изготвување на предлог-документи за развој на сметководствената и ревизорската професија. 

„Државниот завод за ревизија постојано се залага за унапредување на професионалните стандарди во областа на ревизијата и управувањето со јавните средства. Потпишувањето на овој меморандум претставува значаен чекор во зајакнувањето на партнерството со ИСОС, со цел да се постигнат уште поголеми резултати во заедничкиот интерес – транспарентност, отчетност и квалитет во финансиското известување“, изјави Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски. 

Посебен акцент во соработката двете институции ќе стават на размената на знаења и искуства во имплементацијата на Меѓународните стандарди за финансиско известување и Меѓународните стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти, како и на подобрување на ефикасноста и ефективноста во работењето на своите членови и вработени. 

Искажувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум, претседателката на ИСОС Весна Прентоска, истакна: „Оваа соработка ќе ни овозможи да ги обединиме силите и знаењата во промовирање на меѓународните стандарди за финансиско известување, како и во поддршка на континуираниот професионален развој на нашите членови. Сигурна сум дека заедничките иницијативи ќе донесат долгорочни придобивки за професијата, но и за државата, националната економија и општеството во целина“.

Првите луѓе на ДЗР и ИСОС заеднички оценија дека ова партнерство претставува значаен чекор кон подобрување на професионалните практики и креирање додадена вредност во работењето на двете институции.

Слично

Поврзани вести