„Потпишале прекувремени часови за 12 доктори, спротивно на одлука на УО“: МВР со кривична за директорка и раководителка на болницата во Битола
Поранешна директорка и раководителка на оддел во болница во Битола доби кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“ објави Министерството за внатрешни работи.
- СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.И.(53) и М.А.Н.(61), двете од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторенo кривичнo делo „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Првопријавената, во својство на директор на ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“, а потоа и медицински директор во Министерство за здравство и второпријавената, во својство на раководител на Оддел за интерни болести при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“, ги пречекориле границите на своите овластувања со намера за себе и за друг да прибават противправна имотна корист.
Во периодот од ноември 2023 до јуни 2024 година, пријавените потпишале листи за исплата на прекувремени часови работа на 12 вработени доктори од Одделот за интерни болести за извршени прегледи и визита на пациенти од Одделението за урологија и Одделението за физикална медицина и рехабилитација, спротивно на одлука на управниот одбор.
На тој начин пријавените овозможиле неоснована исплата на надоместок за прекувремени часови работа во износ од 494.933 денари и го оштетиле буџетот на државата - се посочува во објавата на МВР.
Слично
