Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поткуп на пратеници и борба за рејтинг: Собраниската епизода на Заев и Апасиев

Поткуп на пратеници и борба за рејтинг: Собраниската епизода на Заев и Апасиев

Прашањата и одговорите кои си ги разменија Димитар Апасиев од Левица и премиерот Зоран Заев, вчера на собраниската седница која беше наменета за пратенички прашања привлекоа најголем интерес во јавноста. Кој купувал пратеници и кој кого му помагал за изборите - остри зборови, искричења ама и доста коментари подоцна. 

Апасиев е пратеник од Левица и оваа партија за прв пат е дел од парламентарниот состав. На првите пратенички прашања по првите 100 дена од овој владин мандат го праша Заев дали е вистина дека се обидел да поткупи пратеници со 300 илјади евра.

„Дали е вистина или шпекулација тоа што после изборите од јули до конституирањето на парламентот сте направиле обид да купите пратеници преку стурмички пајташи за цена од 300 000 евра. Се работи за двајца пратеници од власта кои не се од СДСМ и тројца од опозицијата кои не се од ВМРО-ДПМНЕ, праша Апасиев.

Заев рече дека вака поставено прашање без докази е недозволиво за еден лидер на партија.

„Секако дека комплетно негирам ваква инсиунација. Вака лидер не се станува, господине Апасиев. Го минавте по рејтинг Мицкоски, ама изгледа сакате и мене да ме минете. Кроткичко, пополека. Не може ем да обвините ем да избегнете одговорност за обвинувањата. Ако имате доказ ќе го извадите пред јавноста. Ем ќе обвините, ем ке излажете, ем ќе поентирате од парламентарната говорница. Тоа е исто како сега јас да ве прашам дали е вистина или шпекулација  дека јас и вие сме се договориле да ви ги обезбедам сите ресурси за да им земете гласови на ВМРО-ДПМНЕ  и да кажете дали е вистина или шпекулација. Вака поставени прашања нема да ве однесат на никакви лидерски функции. Левица ни е потребна, но вака не. Гледам, се борите но вака не, сам сте, нема да постигнете ништо зошто ова не му личи никако на пратеник, а не пак на лидер на политичка партија“, рече Заев. 

Апасиев се заблагодари на одговорот заклучувајќи дека Заев негира дека тоа што праша е вистина. Но, додаде дека во партијата имаат докази дека таков обид за купување пратеници се случувал и дека кога СДСМ ќе паднат од власт ќе го процесуираат, затоа што четирите кривични пријави што ги поднеле досега не се процесуирале воопшто.


Слично

Поврзани вести