ПОСТОЈАТ ЗЕМЈИ КАДЕ ЛЕСНО ЌЕ НАЈДЕТЕ ПРИЈАТЕЛИ, НО ИМА И ДЕСТИНАЦИИ КАДЕ ТОА Е ТЕШКО: Какви се искуствата на Македонците?
Македонците како и сите останати откако ќе заминат во странство сакаат брзо да се адаптираат во средината, но истражувањата покажуваат дека во некои земји наоѓањето на пријатели оди лесно, во други држави тоа е тешко, затоа што луѓето се резервирани.
На глобално ниво, само 47 отсто од иселениците сметаат дека е лесно да стекнат нови пријатели во странство, според анкетата Expat Insider 2020.
Според рангирањето, странците најтешко стекнуваат пријатели во Данска, Кувајт, Шведска, Норвешка, Швајцарија и Финска. Овие земји отсекогаш биле рангирани во последните десет во поткатегоријата „Наоѓање пријатели“.
Во Данска и во Норвешка, 29 отсто од иселениците имаат негативни ставови за опциите за дружење и слободно време таму, како и во Шведска (30 отсто) и Финска (20 отсто).
„Данците се во принцип ладен народ, иако на прв поглед изгледаат топло, сепак многу тешко воспоставуваат пријателства. Но, сепак кога ќе воспостават пријателство, тоа е многу трајно и сигурно. Со сопругот имаме пријатели Данци, за ручек или кафе се договараме еден месец однапред, тие сакаат тоа да биде сигурно и договорено, но секогаш си поминуваме многу забавно, и за мене тие се поголеми пријатели од нашите. Со едната пријателка во Данска сме пријатели веќе 5 години, со другата 4 години. Пријателите овде ми се Данци, Иранци“, објаснува Сабина Сејфула-Латифовска.
Многу од нашинците во странство се дружат со луѓето од просторите на поранешна Југославија.
„На балканските простори немаме проблеми со наоѓање на пријатели. Во Италија имам престојувано 4 пати по 2 месеци. Не стекнав пријатели поради непознавање на јазикот. Италијанците се друштвени. Ако еден ден сме биле заедно, веќе следниот ден ме поздравуваат, покажуваат дека сакаат да се дружат. Оние кои биле во Швајцарија кажуваат дека таму луѓето се ладни“, рече Ѓорѓи Џабирски од Делчево.
Наши граѓани одат и на сезонска работа во странство и така имале можност да посетат повеќе држави и да го запознаат менталитетот на различни народи.
„Сум била во странство, на повеќе места. Ако си расположен да си најдеш пријател, мислам дека ќе најдеш“, вели жена од Делчево.
И за Германија, нашите граѓани велат дека е држава каде е потребно време додека да стекнете пријатели.
„Што се однесува до мене, јас брзо наоѓам пријатели. Пријателка сум со Молдавка, Германка, Американка. Во Германија е потешко да се најде пријател, затоа што социјалниот живот не е како овде, различна култура. Со Хрватите имам добро искуство, брзо сум се спријателила. Генерално, со народите што зборуваат шпански полесно сум се спријателувала, потопли се некако“, рече Милена Спасовска-Трајковска од Куманово.
Од друга страна, Мексико три години беше на врвот, како земја каде е лесно странците да најдат пријатели. Зад Мексико, се Бахреин и Еквадор.
Сања Атанасовска