„ПОСТАПУВАЊЕТО НА КАСАМИ Е СПРОТИВНО НА УСТАВОТ, ЗАКОНОТ И ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР“ - се огласи Најчевска за најавата на тетовскиот градоначалник
По најавата на тетовскиот градоначалник Биљал Касами дека работната група за преименување на улици во општината ќе продолжи да работи и покрај тоа што советничката група на СДСМ нагласи дека целосно се повлекува од секоја структура и тело што работи на оваа постапка, се огласи професорката Мирјана Најчевска.
„Постапувањето на Касами е спротивно на Уставот, Законот за локална самоуправа и Охридскиот рамковен договор.
Според мене, е насочено кон директно поттикнување на омраза меѓу етничките заедници.
Вакови одлуки се носат после разговори и договори меѓу заедниците и дефинитивно во соработка со научните институции.
Се друго е намерно поттикнување на меѓуетнички тензии и како такво треба да биде и соодветно санкционирано“, пишува Најчевска на својот фејсбук профил.
А, според тетовскиот градоначалник, работната група може полноправно да одлучува затоа што има мнозинство на членови.
„Работната група може полноправно да одлучува затоа што има мнозинство на членови, а сè додека процесот е во рамките на законот и Уставот, ќе продолжи. Не сакам уште еднаш да се политизира за тоа што реков. Јас сум заинтересиран во Тетово секоја улица да има име и секоја куќа да има број“, рече Касами на денешната средба со новинарите.
