Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОСРЕДНИК ЗА ДОКУМЕНТИ: Кога ќе се зголемат платите, Македонците нема да земаат бугарски пасоши

ПОСРЕДНИК ЗА ДОКУМЕНТИ:  Кога ќе се зголемат платите, Македонците нема да земаат бугарски пасоши

Последните години интересот за добивање на бугарски пасош расте, вели посредник од внатрешноста на Македонија.

Според него, 70% од граѓаните земаат бугарски пасоши  за да најдат работа во земјите од ЕУ, а 30% со помош на овој пасош си заминуваат заради подобар живот во странство.

„Се чека 2 до 2.5 години во глобала,  но сега можеме да ја забрзаме постапката за 5 до 7 месеци, со доплата нормално. За критериуми,  мора да си македонски државјанин, да обезбедиш документ посмртница, од некој што е роден пред 1920 година, дедо, прадедо, па извод од татко, извод од барателот и копија од македонски пасош. Тоа е за самиот старт, а потоа треба документ за неосудуваност, лекарско, потеклото го обезбедуваме ние. Нема некој регион посебно да се издвои, нè  контактираат од цела Македонија“ – вели посредникот.

Објаснува дека во 2015 година имало мал застој со постапката за вадење на пасоши, а дел од посредниците вели дека кога ќе запнат со процедурата  веќе стануваат недостапни за луѓето кои аплицирале за бугарски пасоши. Според посредникот, бројката на македонски граѓани кои поседуваат бугарски пасош е над  50.000 или 60.000.

За да се добие пасош, се плаќаат околку 400 евра, плус некои ситни трошоци како што е одењето во Софија, вели тој.  Во земјава има и луѓе кои веќе дваесетина години посредуваат за бугарски пасоши. Но, за да запре појавата Македонци да земаат бугарски пасоши, мора да се подобри стандардот во Македонија.

„Стандардот мора да е повисок. Основните плати мора да се зголемат. Да речеме на пример, чистачка да зема плата од 18.000 денари. Сите бегаат заради работа“ – додава нашиот соговорник.

Посредникот вели дека на Македонците на прво место им е егзистенцијата и затоа не размислуваат дали се работи за бугарски или пасош од друга земја. Додава дека наш државјанин може да добие и хрватски пасош, но патот до добивање пасош од Хрватска е посложен. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести