Последното танго на Никола Груевски
Десетина дена по крвавиот четврток станува прилично јасно дека ѓаволот ја однел шегата во ВМРО ДПМНЕ. Внатре партискиот притисок за одговорност на раководството што ја донесе партијата до тука расте со геометриска прогресија. Наспроти лежерноста со која Груевски десет години ја водеше партијата на власт, сега доаѓаат многу тешки денови.
Не само поради тоа што поддржувачите се кивни на раководството што нема да прават Влада, туку затоа што менаџирањето на партијата неминовно водеше кон целосна изолација на партијата, не само внатре во македонското општество, туку и надвор. Меѓународниот фактор во блиска иднина нема да гледа сериозен партнер во ВМРО ДПМНЕ, а партијата изгуби секакви шанси и за внатреѓно коалицирање со некоја од албанските партии, особено по крвавиот четврток во кој најдебелиот крај го извлече Зијади Села.
Во такви услови многумина се заппрашуваат дали и каков чекор ќе преземе Груевски. Веќе ја нема комотноста на неприкосновен лидер. Внатре партиските апетити растат. Како што Фактор веќе објави во јавноста кружат неколку можни наследници на Груевски. Влатко Ѓорчев, Никола Поповски, Никола Тодоров, а од неодамна и Христијан Мицковски.
Од друга страна познавачите велат дека Груевски нема лесно да си замине, затоа што како пратеник и лидер на опозицијата, ќе смета на тоа дека ќе може да организира поголем отпор во евентуалните судски процеси што се водат или ќе се водат против него.
Екс лидерот на партијата Љубчо Георгиевски на ТВ 24 му порача дека е време да го отстапи тронот, да се помири со поразот што му го донесоа политиките што ги водеше.
Никола Груевски пред две години по четврти пат беше избран за претседател на партијата. Доби нов четиригодишен мандат, а досега само во 2003 година имаше противкандидат, кога му беше Марјан Ѓорчев.
Оттогаш немаше „јунак“, кој ќе влезеше во битка за да му го заземе тронот на лидерот. Но, сега работите се сменети и ако Груевски ја загуби политичката моќ и замине во опозиција, тогаш многу полесно оние што ја пикирале претседателската позиција, ќе можат да го срушат и од чело на партијата.
Дали Груевски ќе го истера мандатот до 2019 година или со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, ќе се смени и челната позиција?
