Последната Новогодишна честитка на Иванов
До април 2019 година на шефот на државата Ѓорге Иванов му трае претседателскиот мандат по што најверојатно ќе се збогува со претседателската функција.
Последен пат Иванов се обрати од говорницата во Собранието, а денеска ја упатува и последната Новогодишна честитка како претседател.
Во честитката Иванов им посака на сограѓаните празниците да ги поминат спокојно со оние кои најмногу ги сакаат, почитуваат и чуваат. Им посака здравје, среќа и мудрост и добрина за секој предизвик.
Претседателот порачува да бидеме доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив но и да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот.
Меѓусебно разбирање, доверба и љубов во секое семејство меѓудругото посака шефот на државата.
