Последен работен ден за Иванов, нема да има амнестија
Ѓорѓе Иванов, претседателот на Македонија во заминување, денеска го работи својот последен работен ден, додека мандатот официјално му истекува на 12 мај кога треба да ја напушти резиденцијата на Водно.
Инаугурацијата на новоизбраниот шеф на државата Стево Пендаровски ќе биде в недела попладне кога треба со Иванов да го одбележат примопредавањето на функцијата. Шендаровски официјално започнува да работи од полноќ, односно вечерта помеѓу 12 и 13 мај.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, претходно изјави дека се надева дека најдоцна до недела Пендаровски ќе го добие решението од ДИК дека е избран за претседател на 5 мај.
Иванов до крајот на својот мандат не објави во јавноста дали ќе распише амнестија за осудените и осомничените во крвавите настани во Собранието на 27 април 2017-та, иако до него биле доставени барања. Веќе неколку месеци останува непознато дали меѓу барањата има и такви од осомничените за организирање на „крвавиот четврток“ како поранешните високи функционери Никола Груевски, Миле Јанакиески, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Никола Бошкоски.
