ПОСЕТАТА НА СПЕЦИЈАЛИСТ ВО СКОПЈЕ Е ПРЕСКАПА, жители од внатрешноста револтирани од цената на јавниот превоз до Клиничкиот центар
Граѓаните од внатрешноста на земајва, кои пристигнуваат во главниот град за посета на Клиничкиот центар се соочуваат со претерано „напумпан“ трошок за јавен превоз. Соочени со потребата, најчесто од транспортниот центар да стигнат до Клиничкиот центар за прегледи многумина го користат јавниот превоз, но за нашиот медиум посочуваат оти трошоците се многу поголеми отколку што планирале.
- Сакавме да искористиме поевтин јавен превоз до клиника, но наместо поевтино ги потрошивме сите пари кои ги планиравме само за карти до клиника. Премногу е да се плати 120 денари за еден човек до Клиника. Пред да дојдеме тука ни рекоа дека во автобус ќе може да купиме карта за 50 денари, но таква возачот не ни овозможи да набавиме. Останавме без пари за јадење, добивме карти со која ќе може да се возиме и назат кон транспортниот центар, а за тоа немавме потреба. Сега овие пари се ѕабе фрлени, нам ни требаше превоз во еден правец, само до клиниката, но шоферот не ни даде опција за друга карта – вели една жителка на Кочани.
Но, таа не е единствената која се соочила со проблем при посета на главниот град со намера да оди на прегледи или со друга цел. Многумина се соочиле да мора да купат еднодневна карта со која може да се возат низ градот со кој автобус сакаат и колку сакаат, но потенцираат дека нивната цел не е да се возат низ целиот град, туку со конкретна цел за која им е потребен еден автобус, или два за враќање кон почетната точка.
- Нелогично, но и нефер е некој да плаќа 25 денари, а други да плаќаат 120 денари во еден правец. Неколку пати патував до клинички центар за прегледи, и само еднаш можев да купам карта од 50 денари во автубус. Во ред што се поскапи, ама 120 денари за карта, не ми треба да се шетам низ Скопје, доаѓам од што морам, не од што сакам да шетам, а во автобус никогаш нема карти од 50 денари – вели една триесетгодишна жителка на Делчево.
Од ЈСП за „Фактор“ посочуваат дека во сите возила на ЈСП Скопје може да се купи дневен билет од 120 ден кој важи за неограничен број користења/преседнувања во текот на еден ден (05 до 24 часот) на сите линии (градски и приградски).
- Бројот на продадени дневни билети, од неговото пуштање во употреба до сега, укажува дека неговата функционалност е доста голема и прифатена од голем број корисници на јавен превоз, особено од оние кои имаат потреба од јавен превоз повремено, граѓани од внатрешноста, туристи и слично. Во тарифата на ЈСП Скопје постои и билет за едно возење кој чини 50 ден, чии количини од неодамна се потрошени, а во меѓувреме не се набавени нови со оглед на тоа дека јавната набавка за тој тип на билет во три наврати е неуспешна поради несоодветната/преголема цена на доставените понуди – објаснуваат од ЈСП Скопје.
Од таму додаваат дека „постојат голем број опции со кои корисниците на јавниот превоз можат да купат/валидираат билет (дневен билет, билет купен со неперсонализирана или персонализирана електронска картичка „Скопска“, билет платен преку мобилна апликација „Скопска“, билет платен со „мобипеј“, односно со мобилен телефон), независно од нивната возраст, дали се или не се жители на Скопје, поседуваат или не мобилен телефон и слично“.
П.О.
