ПОРОЕН ДОЖД, ГРМЕЖИ, СИЛЕН ВЕТЕР И ЛОКАЛНО НЕВРЕМЕ НА ИЛИНДЕН И ЗА ВИКЕНДОВ: Еве кои делови од Македонија ќе бидат погодени, во Скопје до 40 степени
Поради продор на поладен атмосферски фронт на висина, денеска особено во северните
предели, а за време на викендот, особено во сабота на повеќе места во
попладневните часови ќе има развој на грмотевични облаци кои ќе условат локален
пороен дожд, грмежи и засилен ветер,
најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.
-Во ваква ситуација, локално ќе има појава на невреме, проследено со поројни врнежи од дожд, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер (над 60 км/час) и со појава на град. Токму поради ова, апелираме граѓаните да бидат крајно внимателни, односно, во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. И во Скопската котлина денеска, како и за време на викендот, особено во сабота во попладневните и во вечерните часови ќе има развој на нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со услови за појава на невреме. Што се однесува до температурите, тие остануваат многу високи и насекаде ќе надминуваат 30 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели, како и во Скопската котлина тие ќе се искачат и до околу 40 степени. Сосема мал пад на температурите ќе има од недела, но и понатаму тие ќе бидат многу високи и ќе се искачуваат во интервалот од 31 до 38 степени, вели Попоски во последната објава за временската состојба во земјава.
