Поранешен „ФЕНИ“ не произвел ништо цела година, а делел просечна нето плата од околу 1.000 евра
Финансиските податоци за „Голден Игл Никел“, што редакцијата на Фактор ги обезбеди, ја откриваат цената на рестартот на поранешниот кавадаречки индустриски гигант „Еуроникел Индустри“, некогашен „Фени“. Компанијата во 2025 година прикажала приходи од само околу 164 илјади евра, што е премал износ за фабрика од ваков обем и упатува на тоа дека немала никакво производство.
Кратката сопственичка позадина покажува колку брзо се менувала судбината на комбинатот. По стечајот на „Фени“, фабриката во 2018 година ја презеде швајцарскиот фонд ГСОЛ и продолжи да работи како „Еуроникел Индустри“. Во декември 2023 година Комерцијална банка, како најголем доверител, го презеде имотот на фабриката за околу 37,9 милиони евра, а во март 2024 година склучи договор за продажба со друштва основани од холандската компанија „Полиникел Холдинг БВ“, дел од турската групација „Јилдирим Груп“. Во пакетот влезе и имотот на „Нова рефрактори“ од Пехчево, со што турскиот инвеститор не презеде само една фабрика, туку поширок индустриски систем.
Иако приходите биле речиси симболични, „Голден Игл Никел“ имал 149 вработени и исплатил околу 2,9 милиони евра бруто плати во текот на 2025. Пресметано по работник, еден вработен во просек земал околу 1.084 евра нето месечно, односно околу 13.008 евра годишно. Како споредба, во 2024 година биле исплатени вкупно 1,05 милиони евра бруто плати. Што значи за вработените тогаш биле исплатени речиси три пати помалку средства.
„Голден Игл Никел“ во 2025 година сè уште немал приходи што личат на активна индустриска фабрика, а истовремено одржувал значаен број вработени со солидни просечни примања. Само бруто платите биле речиси 18 пати повисоки од вкупните приходи.

Вкупните расходи на компанијата достигнале околу 9,8 милиони евра, а загубата изнесувала околу 11,3 милиони евра. Загубата била речиси 69 пати поголема од приходите, што покажува дека 2025 година била период на подготовка, задржување кадар и поставување на производствениот систем пред евентуално реален производствен замав.
Во пошироката слика влегуваат и „Кингмен Рефракторис“ и „Њу Нова Енгинееринг“. Станува збор за придружни и помошни фирми, основани заедно со „Голден Игл Никел“, поврзани со индустрискиот систем што „Јилдирим“ го поставуваше во Македонија околу преземањето на „Еуроникел Индустри“.
„Кингмен Рефракторис“ од Пехчево во 2025 година имал приходи од околу 701 илјада евра, расходи од околу 2,74 милиони евра и загуба од околу 2,04 милиони евра. Компанијата имала 80 вработени, што покажува дека и придружното производство било поставено со сериозен трошок уште пред да обезбеди стабилен приход.
„Њу Нова Енгинееринг“ од Возарци прикажала приходи од околу 675 илјади евра, расходи од околу 1 милион евра и загуба од околу 342 илјади евра. Компанијата имала 49 вработени, па и кај неа се гледа истата слика на активиран кадар, ограничени приходи и работење под нула.

Трите компании заедно имале 278 вработени. Најголемиот дел биле во „Голден Игл Никел“, каде што се концентрирани и најголемите трошоци, но и најслабиот однос меѓу приходите и расходите.

Вкупно, овие три фирми во 2025 година прикажале околу 1,54 милиони евра приходи, додека нивната заедничка загуба достигнала околу 14,4 милиони евра. Тоа значи дека индустрискиот рестарт во таа година бил далеку поскап од приходите што системот успеал да ги создаде.
Филип Костов
