Поранешниот шеф на кабинет на Оливер Спасовски, Митко Бојмацалиев, си заминува од МВР
Поранешниот дополнителен заменик министер во последната техничка Влада, Митко Бојмацалиев, денеска на својот Фејсбук профил објави дека по 7 години си заминува од Министерството за внатрешни работи.
Бојмацалиев беше началник на Сектор за управување со човечки ресурси, стручно оспособување и усовршување, виш полициски советник за контрола, надзор и превенција на полицијата, стандарди и управување со квалитет во Бирото за јавна безбедност и државен советник – шеф на кабинет на поранешниот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Денес, по 7 години посветена работа во Министерството за внатрешни работи, завршувам еден важен дел од мојата кариера.
Прекрасно искуство беше да бидам дел од тимот кој работеше на многу значајни проекти и реформски иницијативи. Благодарност до сите соработници кои искрено и без калкулации соработувавме во сите овие години – вашата поддршка и партнерство беа од неизмерна важност.
Посебна благодарност до поранешниот министер Оливер Спасовски за можноста да бидам дел од неговиот тим и да придонесам кон зајакнување и унапредување на Министерството. Вашата доверба и визија беа инспирација за професионален раст и заеднички успеси.
Со гордост ќе ги носам сите искуства.
Време дојде за нови предизвици и искачување на нови височини“, вели Бојмацалиев.
