Поранешниот министер и потпретседател на СДСМ стана директор: Манчевски има менаџерска позиција во Скопје и Белград
Дамјан Манчевски поранешен истакнат член на СДСМ, еден од фронтмените на партијата, поранешен партиски потпретседател, како што најави откако замина од политиката, сега веќе има нов ангажман, во приватниот сектор. Назначен е за генерален менаџер на двете компании на MAK-SYSTEM во Скопје и Белград. Информацијата ја објави самиот и напиша доста за новата фирма. Манчевски вели дека компанијата е формирана во 1984 година, денес со седиште во Лондон.
„MAK-SYSTEM е водечки светски провајдер на медицински софтвер за менаџмент на крв, плазма, ткива и клетки. MAK-SYSTEM е пионер во оваа област, кој произведува врвен софтвер за контрола на ланецот за менаџмент на крвни продукти, од донација до трансфузија. Компаниите на MAK-SYSTEM се лоцирани во Лојдон, Париз, Мадрид, Брисел, Чикаго, Франкфурт, Скопје и Белград, вели Манчевски.
Неговото заминување од СДСМ и од политиката остави многу непознати во јавноста. во претходниот мандат на оваа Влада тој беше министер за информатичко општество и администрација. Во новиот парламентарен состав беше пратеник и неговото име се споменуваше за местото на Драги Рашковски како генерален секретар во Владата. Манчевски даде оставка од пратеничкото место, но потоа за него не се соопшти ништо.
На 13 октомври си замина од СДСМ.
„Драги пријатели, почитувани граѓанки и граѓани,драги мои другарки и другари,Дозволете да Ве информирам дека донесов одлука да се повлечам од политиката и да се посветам повторно на мојата професија. Причината за тоа е дека прифатив ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со било каков политички ангажман. Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлеков од сите јавни функции кои ги извршував, поднесов оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ“, напиша Манчевски.
Имаше доста пофални зборови за сопартијците.
„Но, особено сакам јавно да се заблагодарам на двајца. Зоран Заев. Тој не е човек, тој е човечиште. Да му се заблагодарам за храброста, вербата и посветеноста. Да му се заблагодарам за жртвата. Да му се заблагодарам што бев дел од историјата која ја создадовме. За довербата што секојдневно ми ја дава, уште од кога ме покани да му бидам шеф на кабинетот во партијата во 2008 година. Но, највеќе од се за неизмерното другарство. Радмила Шекеринска Јанковска. Уште кога имав 18 години, ме воведе и ми даде шанса во политиката. Цело време, а и ден денес, ми е пример за принципиелност и работливост. Пример за борец, кој не се предава и никогаш не ги става личните интереси во прв план.Ова не е збогум. Останувам со Вас. Останувам во државата, да ја споделувам судбината и борбата за подобар живот со сите наши граѓанки и граѓани. Драги мои, се гледаме во друга прилика“, се збогувачките зборови од политиката на Манчевски.
