Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поранешниот директор на ПИОМ со уште една пријава, плаќал кирија за сестра му

Поранешниот директор на ПИОМ со уште една пријава, плаќал кирија за сестра му

Поранешниот в.д.директор на пензискиот фонд Дритан Беџети доби пријава од МВР откако преку ПИОМ плаќал кирија за изнајмување на објект, за на крајот, како што објави МВР, таа да завршува кај неговата сестра. Кривични пријави се поднесени и против неговиот татко и сестра Р.Б.(72) и А.Х.(40).

Накратко, на закуподавци од Тетово им ветиле дека ќе им го купат објектот, но дека прво ќе треба да му го дадат под кирија на ПИОМ и да наплаќаат закупнина.

„Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Д.Б.(45) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против Р.Б.(72) и А.Х.(40) од Тетово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по член 24 во врска со кривичното дело „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ по член 275-в и „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.

Пријавениот Д.Б., во својство на вршител на должноста директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, на 22.02.2023 објавил повик за заинтересираност за закуп на деловен простор за потребите на Фондот во два дневни весници, на кој во својство на потенцијални закуподавци се јавиле М.С. и Ј.Б. од Тетово, како сопственици на недвижен имот. Второпријавениот Р.Б. (татко на Д.Б.), ги контактирал М.С. и Ј.Б., кои имале дадено оглас за продажба на недвижен имот во Тетово, при што се договориле да ја продадат куќата за сума од 260.000 евра, но најпрвин да потпишат документација за давање под закуп на недвижниот имот со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а потоа да склучат и преддоговор за купопродажба на имотот.

Имено, на 02.03.2023 помеѓу Фондот, застапуван од пријавениот Д.Б., од една страна и М.С. и Ј.Б., од друга страна, бил склучен договор за закуп на недвижен имот со износ на закупнина од 1.890 евра месечно за времетрање на договорот од 20 години или во вкупен износ од 453.600 евра. Истиот ден бил склучен и преддоговор за купопродажба на недвижниот имот меѓу М.С. и Ј.Б. и третопријавената А.Х. (сестра на Д.Б.). Потоа, М.С. како закуподавец, паричните средства кои што Фондот месечно ѝ ги исплаќал за закуп, ги вадела од нејзината сметка и во готовина на рака му ги давала на второпријавениот Р.Б., бидејќи согласно преддоговорот за продажба и нивниот меѓусебен договор, имотот бил продаден на неговата ќерка“,објави МВР.

Дритан Беџети објавил и оглас за реновирање и реконструкција на филијали и подрчани подружници и со средства од овој тендер бил обновен и објектот на кој подоцна сопственичка станала неговата сестра.

„Со ваквите дејствија, пријавениот Д.Б., заедно со пријавените Р.Б. и А.Х., ги повредил прописите за постапката за јавен повик и со нивниот меѓусебен договор ја изиграле постапката, па така неговата сестра, пријавената А.Х., стекнала право на сопственост на недвижниот имот, кој што е предмет на закуп од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што пријавените нанеле штета на Фондот во вредност од 37.852.275 денари или 614.484 евра од Буџетот на РСМ“, пренесува МВР.

МВР во март соопшти дека Беџети е пријавен за вработување на лица кои не ги извршувале работите кои им биле доверени, а не се водело никаква евиденција за нивно присуство во работните простории. Притоа на вработените лица во повеќе наврати им биле исплатени средства кои биле во согласност со нивните договори. На тој начин, пријавениот Беџети овозможил лицата да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 1.387.558 денари или 22.525 евра на штета на Фондот за ПИОСМ, односно Буџетот на Република Северна Македонија.

Беџети како директор на ПИОМ дојде како кадар на Алтернатива на Африм Гаши и медиумите лани, за време на неговото директорување, известија дека за еден ден примил на работа 50 Албанци од Тетово, сите нивни партиски кадри.



Слично

Поврзани вести