Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев излегува од притвор, судот прифати гаранција од над 180.000 евра во имот
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, излегува од притвор и ќе се брани од слобода, откако Кривичниот суд ја прифати понудената имотна гаранција од 183.981 евра.
Одлуката ја донел Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, кој го уважил предлогот на одбраната за укинување на мерката притвор за двајца обвинети во предметот поврзан со Клиниката за онкологија.
Гаранцијата за Васев е обезбедена со ставање недвижен имот под хипотека во корист на државата. За вториот обвинет, Н.Н., судот определил гаранција од 348.049 евра, исто така преку хипотека на недвижен имот.
Со тоа, вкупната вредност на прифатените гаранции за двајцата обвинети изнесува нешто повеќе од 532.000 евра.
Судот, покрај гаранцијата, им определи и мерки за претпазливост. На обвинетите им се забранува да го напуштат живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на град Скопје, ќе мора еднаш месечно да се јавуваат во судот, а привремено им се одземаат и патните исправи. Дополнително, им е изречена забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Од Кривичниот суд наведуваат дека пред носењето на решението било добиено позитивно мислење од надлежното Јавно обвинителство. Советот го зел предвид и законскиот рок до кој можела да трае мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје.
Според судот, притворот можел да биде продолжуван најдоцна до 18 јули 2026 година.
Бидејќи обвинителството се откажало од правото на жалба, а хипотеките веќе биле впишани во Катастарот на недвижности, решенијата станале правосилни. По ова, обвинетите се ослободени од притвор.
Васев е меѓу клучните обвинети во предметот поврзан со работењето на Клиниката за онкологија, случај кој предизвика силни реакции во јавноста поради сомнежите за злоупотреби во здравствениот систем и начинот на третман на пациенти.
