Поранешниот директор на Геријатрија, Арифи е осуден на четири години затвор
Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече затворска казна од четири години на поранешниот директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, Мухсин Арифи, и затворска казна од една година и десет месеци на Блерим Амити, вработен во установата, во случајот „Геријатрија“, поврзан со примање поткуп и награда за противзаконито влијание.
Судот ги огласи двајцата обвинети за виновни.
„При определувањето на видот и висината на кривичната санкција, Судот ги имаше предвид сите околности предвидени во член 39 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на индивидуализацијата на казната. Како отежителни околности, судот ги ценеше видот, карактерот и тежината на кривичните дела, начинот на нивното извршување, условите под кои се сторени, како и фактот дека делата се сторени со цел стекнување материјална корист“, изјави судијката Ленка Давиткова при образложувањето на пресудата.
Таа додаде дека Судот ја ценел и опасноста од повторување на кривични дела, степенот на кривичната одговорност на обвинетите, организираноста и упорноста при извршувањето, како и искористувањето на тешката здравствена и социјална состојба на сведокот во конкретниот случај. Арифи побарал имотна корист од 20.000 евра за да овозможи прием на пациентка во тешка здравствена состојба во установата со која раководел. Амити, кој го познавал сведокот, се понудил да посредува и ја примил паричната сума. Полицијата го фати на лице место.
