Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОРАНЕШЕН ПРАТЕНИК КАЖА КОЈ Е ЛЕКОТ - за да се одблокира Собранието, потребна е експертска влада

ПОРАНЕШЕН ПРАТЕНИК КАЖА КОЈ Е ЛЕКОТ  - за да се одблокира Собранието, потребна е експертска влада

Поранешниот пратеник во македонскиот парламент Илија Димовски, мисли дека има лек за Собранието, кое сега е закочено и не може да ги носи законите.
„Има ли лек за македонското Собрание?“, прашува Димовски, па вели.

„На почетокот да потсетиме зошто се организираа предвремени избори, иницирани од власта за така полесно да дојдеме до одговорите: Да има ефикасни и функционални институции! Собранието не е ни ефикасно, ни функционално... Владата уште помалку... Потоа, да се справиме со здравствената криза! Најлошо се справуваме во цела Европа (полоши сме и од Албанија, Босна и Молдавија), а меѓу најлошите сме во светот... Да се справиме со економската криза! Изгубивме над 52.000 работни места, БДП ни се лизга надолу како санка, се задолжуваме со над 1,5 милијарди евра, а поделивме за помош не повеќе од 400 милиони евра, се затворија над 6.200 фирми, нема капитални инвестиции,.. Да започнеме преговори со ЕУ! Подалеку сме од преговори со ЕУ од било кога до сега... Да се справиме со корупцијата! Продолжува само партиски и политички прогон на неистомисленици, а се толерираат актуелни крупни финансиски скандали...

Ништо не е реализирано!

Власта кажа дека е спремна да владее со мнозинство од само 62 пратеници, и тоа составено од најмалку 11 политички партии...

Беше укажувано дека такво мнозинство е невозможно да создаде ефикасна работа и резултати, но власта ја презема одговорноста“, пишува Димовски.

Според него, опозицијата често била е конструктивна (дури и спротивно на волјата на нејзините поддржувачи), но власта го продолжи политичкиот прогон, злоупотребата на европското знаменце, носењето закони по скратена постапка, игнорирањето на опозицијата, користењето на Собранието како нотарска канцеларија, назначувањето на партиски војници на власта во највисоките судски и државни независни тела, непочитувањето на законите (последно е изборниот закон), носењето на сериозни закони без прифаќање на ниту еден амандман од опозицијата (Законот за попис), тактиката на удари по Собранието од страна на Владата, одолговлекувањето на процесот Жан Моне, како и одбегнувањето да се ставаат точки на дневен ред по предлог на опозицијата...

Илија Димовски смета дека лекот се гледа од авион. 

„Експертска Влада (со Премиер со сеопфатна и широка општествена поддршка, а со експертска позадина) со јасна агенда за брзо здравствено и економско опоравување, запирање на политичката злоупотреба на државните органи, отчет за последните скандали и афери... и веднаш штом се може, избори...

Колку повеќе се одолговлекува оваа состојба толку потешки ќе се последиците за сите, а најмногу за државата и граѓаните...

Дојдено е време да се смени власта, дајте им воздух и на граѓаните и на институциите, во спротивно сите ќе се угушиме...“, напиша поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на својот фејсбук профил. 

Слично

Поврзани вести