ПОРАКА ОД БРИСЕЛ ДО МАКЕДОНИЈА: Акциите се погласни од зборовите
Стигна реакција од EУ за гласањето во ОН во Њујорк.
Брисел, преку евроамбасадорот Михалис Рокас, повика Македонија да ги задржи принципите на Европската Унија, откако земјава гласаше воздржано за резолуцијата за Украина во Обединетите нации. Рокас, пред Мешовитиот парламентарен комитет со Унијата, изјави дека зборува од името на високата претставничка Каја Калас и еврокомесарката Марта Кос.
„Сепак, сакам да нагласам дека важно е Северна Македонија да ги задржи основните вредности и принципи на Европската Унија и активно тоа да го покажува во мултилатералните форуми, вклучително и во рамки на Обединетите нации. Со тоа ќе се потврди геостратешката заложба кон европскиот пат“, изјави евроамбасадорот Рокас.
Се обрати и полскиот амбасадор Мариуш Бримора, чија земја претседава со Унијата. Како што кажа, важно е Македонија да остане посветена на европските вредности и принципи.
„Гласањето во Обединетите нации и резолуциите во ОН предизвикаа реакции на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија овде. Акциите се погласни од зборовите. Не треба многу внимателно да се следат состојбите за да се сфати дека геополитиката денес е многу сложена“, Мариуш Бримора, амбасадор на Полска.
Амбасадорите исто така порачаа да се усвојат уставните измени за да може да се отвори првиот преговарачки кластер, бидејќи, како што велат, проширувањето е високо на агендата. Министрите Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани пак, побараа решителни чекори и од Унијата.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека наскоро ќе заврши војната во Украина, а ако греши, рече дека ќе се извини.
Тој даде објаснување за гласањето во Њујорк во ОН за резолуциите за Украина.
foto freepik.com
