Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОРАДИ СИЛНИ БРАНОВИ ПРЕКИНАТ ОХРИДСКИОТ МАРАТОН - по сублимирање на податоците ќе биде прогласен победникот

ПОРАДИ СИЛНИ БРАНОВИ ПРЕКИНАТ ОХРИДСКИОТ МАРАТОН - по сублимирање на податоците ќе биде прогласен победникот

Поради лошите временски услови проследени со силен ветар и бранови во 14 часот и 30 минути прекинат е 38. Охридски пливачки маратон. 

Трката, според судијата Марјан Бошалевски, е прекината во близина на хотел Гранит.

- Големото невреме проследено со високи бранови предизвика проблеми кај пливачите. Констатирана е моменталната состојба на маратонците и по сублимирање на податоците ќе биде прогласен победникот. Согласно правилата, доколку временските услови не дозволуваат по поминати две третини од патеката, трката се прекинува - појасни Бошалевски.

Во времето на прекинот на трката маратонците се бореа со брановите во близина на Гранит.

Шеснаесетте пливачи, 10 во машка и шест во женска конкуренција стартуваа утрово во 10 часот од Свети Наум, а на Охридското пристаниште се очекуваше да пристигнат околу 16 часот.

Дваесет и пет километарската патека тргнаа да ја препливаат маратонци од Македонија, учествуваат и пливачи од Италија, Полска, Србија, Аргентина и Португалија. 

Во женска конкуренција настапија пливачките: Елена Лионело - Италија, Росана Гошева - Македонија, Алисја Гедриш - Полска, Милица Љубисављевиќ - Србија, Ерика Абигал Јенсен - Аргентина, Мајте Ајлен Пука - Аргентина. Настапот на Охридскиот пливачки маратон, поради повреда го откажа пливачката од Турција Еда Сајин. 

Во машка конкуренција учествува 10 пливачи од кои четворица од Македонија - Александар Илиевски, Леонид Мишевски, Петар Цеков и Лазар Поп Трајков, потоа Акуилес Балаудо и Матиас Дијас Хернандес од Аргентина, Италијаните Федерико Тамборино, Марко Инглима и Матео Фурлан, како и Хуго Риберио од Португалија. 

Организатор на маратонот е плувачкиот клуб „Охридски бранови 2008“, а се одржува под покровителство на претседателката на државата Гордана Сиљановска - Давкова, Министерството за спорт, Пливачката асоцијација на Македонија и Општина Охрид. 

Наградниот фонд, како што информира организаторот, изнесува 15.000 евра. 

Охридскиот пливачки маратон и оваа година е дел од Фестивалот на спортови на вода (Ohrid Water Festival).

Слично

Поврзани вести