ПОПРЕЧЕНОСТА ОД ОСТЕОПОРОЗА ВО ЕВРОПА Е ПОГОЛЕМА ОД ОНАА ПРЕДИЗВИКАНА ОД РАК: Почна со работа Центарот за остеопороза во ГОБ „8 Септември“
Остеопорозата или
кај народот позната како болест на коските е една од петте најчести хронични
заболувања, а дури 80% од сите заболени се жени. Ендокринолозите велат дека главната
причина за развој на остеопорозата е стареењето, како и недостатокот на полови
хормони, поради што таа се јавува најчесто во средните години. Според
статистичките податоци, попреченоста од остеопороза во Европа е поголема од
онаа предизвикана од рак, и е иста или поголема од инвалидитетот предизвикан од
хронични срцеви заболувања и астма.
Превенцијата е клучна во намалување на бројот на пациентите со ова заболување, поради што минатата недела во ГОБ „8 Септември“ беше отворен Центар за остеопороза и пуштен во употреба нов апарат за мерење на коскена густина - остеодензитометарот, со донација од Турската агенција за соработка и координација ТИКА. Дијагнозата на остеопорозата може да се постави и пред појавата на фрактура, а златен стандард во ова е дензитометриското мерење на коскената густина. Вредностите добиени со мерење најчесто се споредуваат со референтните вредности за млад здрав човек, па отстапувањата од просечната вредност на истиот пол на таа возраст се означуваат со Т-вредноста. Според критериумите на Светската здравствена организација, Т-вредност поголема од 1 укажува на нормална коскена густина, Т-вредност помеѓу 1-2,5 укажува на остеопенија, а Т-вредност помала од 2,5 значи остеопороза. Методот се користи за дијагностицирање на остеопорозата, но и за следење на ефективноста на третманот.
-Од постоењето на установата па до сега не сме имале еден ваков центар и не сме располагале со ваков апарат кој е златен стандард во поставувањето на дијагнозата за остеопороза. Коскениот дензитометар е најновиот модел од ваков тип на апарати на американскиот производител Hologic-USA. Со апаратот ќе раководи одделението за ендокринологија и метаболни нарушувања, меѓутоа ќе биде на располагање и на одделенијата за ортопедија, ревматологија, трауматологија и физикална медицина. Тоа значи дека лекарите по медицинска индикација со интерболнички упат може да испратат пациент на мерење на густината на коските. Инаку, закажувањето ќе се прави и преку системот МојТермин, а на почетокот ќе има најмногу до 20 прегледи дневно. Ова е голема придобивка за пациентите, бидејќи во здравствените установи во Скопје и околината се уште има недостаток од вакви апарати и за жал пациентите се приморани да прават скен на коски во приватните установи. Најчести пациенти се жените во постменопаузалан период, како и лица кои имаат микрофрактури на коските од непозната причина, вели директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов.
Инаку, остеопорозата која е прогресивна метаболичка болест на коските ја намалува нивната густина (маса по единица волумен) заедно со структурното распаѓање.
За да ја одржи густината на коските, на телото му треба соодветно снабдување со калциум и други минерали, како и доволна количина на некои хормони, како што се паратироиден хормон (паратормон), хормон за раст, калцитонин, естроген кај жените и тестостерон кај мажите.
Исто така, потребно е соодветно снабдување со витамин Д за апсорпција на калциум од храната и негово вградување во коските. Остеопорозата почесто ги погодува жените отколку мажите, а причина за тоа е наглото опаѓање на лачењето на женскиот полов хормон естроген во постменопаузалниот период. За време на репродуктивниот период, естрогенот е заштита од влошување на коскената маса, падот на нивото на овој хормон во постменопаузата доведува до забрзано губење на коскената маса, кое се изедначува кај жените и мажите по 65-тата година од животот. Помалку од 5% од луѓето со остеопороза имаат т.н секундарна остеопороза, која е последица на други болести или долготрајна употреба на одредени лекови. Причината може да биде хронична бубрежна болест или ендокрини заболувања (особено болести на тироидната жлезда, паратироидните жлезди и надбубрежните жлезди), лекови како што се кортикостероиди, барбитурати, антиконвулзивни лекови (антиепилептици) или предозирање со лекови кои ја стимулираат тироидната жлезда. Прекумерното внесување алкохол и пушењето цигари може дополнително да ја влошат состојбата.
Кај децата и помладите може да се појави идиопатска јувенилна остеопороза, која е исклучително ретка и нејзината причина е непозната.
Анита Буховски
