Поповски: Постои политичка волја да се справиме со корупцијата
Ја менуваме перцепцијата на јавноста, постои политичка волја и подготвеност на Владата за справување со корупцијата во државата, вели Роберт Поповски, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност. Тој присуствуваше на работилницата за Национална стратегија за спречување корупцијата и судирот на интереси. Антикорупциската комисија почнува кампања за намалување на корупцијата во државава под мотото „Со ум во антикорупциски бум“.
„Со изборот на непартизирана антикорупциска комисија беше поставен еден од темелите на реформите на правосудниот систем. Со таа цел се дизајнираше и новиот Закон за спречување на корупција и судирот на интереси. Ја менуваме перцепцијата на јавноста, постои политичка волја и подготвеност на Владата за справување со корупцијата во државата, рече Поповски.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, рече дека во следниот период во соработка со повеќе институции, но и заедно со медиумите, ќе се обидат да изработат мерки кои ќе треба да се спроведат за да се намали корупцијата.
