Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поповска: Не ни требаат рудници на смртта

Поповска: Не ни требаат рудници на смртта

ДОМ е против отворање цела дузина рудници во Македонија - од Петрошница во Старо Нагоричане, преку Плавица во Пробиштип, па во Кочани, Струмица, Делчево, се до Казандол во Валандово. Смета дека тоа е неодговорно кон граѓаните и нивното здравје, зашто сите тие планирани рудници за злато, бакар и сребро се површински, со мало количество метал во земјата. 

- Тие се „рудници на смртта“, работат со цијанидни и сулфурни раствори во отворени базени по планините, загадувајќи се живо околу себе. Посебна трагедија е што целиот тој источен појас е одамна стратешки насочен кон земјоделие и туризам. А сега им се нуди опустошена природа, уништени полиња и животен век од 40 години. Тоа е недозволиво! - рече денеска на прес конференција Лилјана Поповска.

Таа побара најитно да се решат рудниците Казандол, Валандовско и Иловица, Струмичко, кои веќе добиле концесии од Министерството за економија и се градат. 

- Бараме стопирање на активностите и итна ревизија на нивните концесии. Основа се барањата на граѓаните во сите засегнати општини преку протести и референдуми. Аргументи се: изиграна процедура за информирање на јавноста, лажно претставување на божемни странски инвеститори и скандалозни студии за оценка на влијанието врз животната средина. Борбата против опасните рудници треба да оди преку ревизија на овие студии за животна средина. Убедени сме дека, не само што државата не треба да плаќа пенали, туку други треба да и платат отштета - смета Поповска.

ДОМ најави разговори со надлежните членови на Владата и нови средби со граѓаните, за да се согледа во вистинско светло еколошката катастрофа што, како што велат, ги демне граѓаните. 


Слично

Поврзани вести