Попоски за Ди Велт: Шенген ќе колабираше, ако не ја затворевме границата со Грција
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски во интервју за германскиот весник Ди Велт изјави дека доколку земјава не ја затворела границата со Грција поради напливот на мигранти, Шенген ќе колабирал и секоја земја ќе била принудена да воведува гранична контрола. Според вицепремиерот, најдобро било тоа да го направи некоја друга држава, но се наложило тоа да биде направено од Македонија. Попоски во исто време побара и размена на информации со земјите од ЕУ во борбата против тероризмот.
„Голем недостаток е тоа што не нѐ сметаат за еднаков партнер. А тоа е потребно за да се спречи шверцот на терористи по бегалските правци. За да може да се спречи тоа, потребно е да се зголеми размената на информации со земјите кои не се дел од ЕУ, но се дел од бегалскиот правец“, рече Попоски за германското издание.
„Македонија ја затвори границата со Грција, за да докаже дека е подготвена за влез во ЕУ, но до моментов од Германија и ЕУ не сме добиле доволно помош за обезбедувањето на нашата граница. Ако го споредиме износот што го доби Грција и се што беше направено за оваа држава, работите изгледаат неспоредливи“, истакна министерот.
Македонија го затвори. „Балкански пат“ во почетокот на месец март оваа година. Лани по овој пат од Грција во Македонија пристигнаа над 750 илјади мигранти.
