Попоски: Причините за длабоката криза се сигурно поврзани со недостатокот на јасна перспектива за евроинтеграција
Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски вели дека денешната дискусија во Eвропскиот парламент за извештајот за Република Македонија и средбите со парламентарниот комитет за соработка помеѓу Европскиот парламент и Собранието на Република Македонија најмногу се посветени на враќање на европската перспектива.
„Голем дел од причините за длабоката криза се сигурно поврзани со недостатокот на јасна перспектива за евроинтеграција на земјата. Со сигурност и решенијата кои треба да ги бараме во следниот период лежат во враќање на кредибилноста и отпочнување на преговорите за идно членство на Република Македонија во Европската Унија“- вели Попоски.
Додаде дека без тоа тешко би можеле да се надминат и тековните внатрешни и политички предизвици.
Европскиот Парламент минатиот месец го одложи гласањето за резолуцијата во однос на извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија за 2016-та година.
Дали европарламентарците ќе гласаат по истиот овој месец ќе зависи од развојот на политичката криза во Македонија.
